Ниските страсти на обвинителките


Фросина Факова-Серафиновиќ

На Фатиме Фетаи не ѝ е сефте да кажува пцости, и тоа јавно. Пред неколку години, кога СЈО беше на врвот и кога Фатиме со својата шефица Катица Јанева и колешката Ленче Ристоска постојано беа пред камерите и ги презентираа истрагите, токму Фетаи директно и без влакна на јазикот ја цитираше секоја пцост што ја кажале осомничените во нивните истраги.

Но тогаш пцуеше за да ја долови бруталноста на минатата власт, а сега ја пцуе својата шефица која тоне и се заканува дека сите ќе ги повлече со себе. Институцијата која тонеше во амбис ја фрли пријателството на Јанева со Боки 13, а нетрпеливоста во СЈО пукна и на јавна сцена. Но пукна откако потона Катица.

Капацитетите на Јанева можеа да се проценат уште на почетокот на приказната за Специјалното јавно обвинителство. Факт е дека прес-конференциите немаше да бидат толку успешни без Фатиме детално и „сочно“ да ги објасни случаите кои ги отвораат и без Ленче да одговори на буквално сите новинарски прашања, вклучително и на прашањата на новинарите кои уште тогаш се фатија во „костец“ со Јанева.

Но, сепак, на сите им беше поважна повисоката цел која требаше да ја издејствува СЈО, отколку способноста на Јанева. Да ги стави во затвор сите кои краделе и да ги врати украдените пари кај народот. Првите муабети за наводното деспотско однесување на Јанева почнаа веднаш откако СЈО се затвори во јавноста и по бегството на Груевски. И сите овие информации беа неофицијални, новинарите пренесуваа дека СЈО е поделено на табори, дел од обвинителите не разговарале меѓу себе, биле лути на Катица. Но никој од нив не излезе јавно, освен Јанева која во медиумите ја ширеше својата верзија како дозволиле Груевски да избега, иако им стигнувале извештаи дека ги повлекува парите; зошто продолжија да покренуваат обвиненија и по истекот на рокот, иако беа свесни дека ќе бидат оспорени. Зошто „Империјата“ не ја уништија навреме и не го докажаа нелегалното финансирање и градењето на белата палата од црни фондови додека беше свежо обоена, туку влегоа во политички вител со „мерцедесот“ и „шамарите“.

Обвинителите се правдаа дека Јанева им забранила да даваат изјави во јавност и ниту еден не застана и не кажа јасно и гласно што се случува во СЈО, иако освен Јанева сите тие земаат пари од буџетот, кој го полниме ние граѓаните. Јасно е дека според законот највисоко на хиерархијата е Катица и секој документ е со нејзин потпис или со потпис на нејзините заменички. Но секој обвинител води свои предмети за кои не можат да се искупат од одговорност.

На јавна сцена Фетаи беше најголем борец за СЈО, но до завчера никогаш не застана против својата шефица јавно, туку ја бранеше. Но, сепак, се бореше. Обвинителката Ленче Ристоска, пак, по првите неуспеси на СЈО, се повлече и прекина секаков контакт со новинарите. Се зборуваше дека најблиски соработнички на Јанева тогаш ѝ биле Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, но тие први се пријавија да се сведочат и да кажат сè што знаат за случајот „Рекет“.

Јанева на гостувањата во телевизијата на Боки 13 ја убедуваше јавноста дека е презадоволна од тимот на обвинители кој го избрала и дека Стефанова била меѓу првите обвинителки кои ги повикала во тимот и покрај шпекулациите за неа дека работи во дослух со претходната власт.

Сепак, Стефанова прва ги отвори картите и во соопштение кажа кој сè ѝ вршел притисок за „Империја“ и какви наредби добивала од Јанева. И тензиите кулминираа кога Фатиме објави дека Јанева дала наредба да се претресува секој кој ќе влезе и кој ќе излезе. Дел од вработените и обвинителите велат дека таква наредба немало, но сеедно.

Институцијата која граѓаните ја замислуваа како бедем во која работат професионалци, сега ја замислуваат како институција во која ниските страсти на обвинителките се на прво место. Обвинителите имаат задача да соберат докази и да го докажат криминалот пред судот и на крајот да си легнат со чиста совест. Пораките кои Фатиме ги кажуваше на крајот на речиси секоја прес-конференција „секој што злоупотребил народни пари ќе седне на обвинителна клупа и ќе ги врати“, „никој што дејствувал криминално нема да биде поштеден“ остануваат само пуста желба на граѓаните.

Во целата приказна на никому не му е јасна дружбата на јавните обвинителки со Боки 13. Јанева тврди дека ја злоупотребил, но Боки 13 сега го гони обвинителката Русковска, која рамо до рамо со Јанева беше една од најчестите гости во неговата телевизија на која ексклузивно се објавуваа сите апсења.