Ништо од дестабилизацијата, Тошковски вели дека земјава е безбедна

Министерот за внатрешни работи се согласува со претседателката Сиљановска дека нема потреба да се свикува Советот за безбедност


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

 

Прво претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а денеска и министерот за внатрешни работи ги демантираа наводите на премиерот Христијан Мицкоски дека на државава ѝ се заканува дестаблизација затоа што ДУИ сакале да спроведат вознемирувачка агенда во текот на септември. По изјавите дека се заканува дестабилизација, Мицкоски потоа го намали квалификативот наведувајќи дека е „можна“, а денеска Панче Тошковски рече дека нема потреба да се свикува Советот за безбедност (за кој не знаеме дали е формиран) затоа што безбедносна состојба не е загрозена.

Во изјава за медиуми по денешната посета на пунктот за промена на лични документи „Пролет“ во Скопје, Тошковски рече дека доколку ги има безбедносни предизвици МВР ќе се справи со нив. 

„МВР ќе одговори на секој еден предизвик којшто ќе се постави пред него во рамки на неговите надлежности. Покажавме досега дека можеме да се соочиме со сите предизвици и да ги решиме соодветно, така ќе биде и во иднина. Во изминатиот период имаше информација за немири. Дали ќе се справиме со нив – да“, рече министерот.

Во однос на прашањето за свикување на Советот за безбедност, тој одговори дека го поддржува ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во овој момент нема потреба од тоа.

„Сметам дека во овој момент нема потреба од свикување на тоа тело. Има информации и најави, но сметам дека во овој момент безбедносната состојба не е загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност“, рече Тошковски.

За постапката против шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за случувањата на скопскиот аеродром, Тошковски рече дека случајот е решен. 

„Секој има право да згреши, но системот не треба да згреши. Во овој случај системот покажува дека функционира, што не беше случај во минатото. Предметното лице е суспендирано од работата, за лицето е поднесена кривична пријава, се надевам дека обвинителството ќе процусуира во рамки на нивните надлежности, судот исто така. Овој случај е решен“, изјави Тошковски.

Во однос на 189-те незаконски распоредувања во МВР од страна на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи, односно за колку бил оштетен буџетот на МВР со овие дејствија, министерот одговори дека тоа ќе биде дел од процесот во иднина.