Нисан и Хонда преговараат за соработка, но тврдат дека нема да дојде до целосно спојување
Јапонските производители на автомобили Нисан и Хонда денеска потврдија дека ја разгледуваат можноста за блиска соработка, но негираа дека овие преговори вклучуваат спојување во една компанија. Претходно медиумите повикувајќи се на неименувани извори објавија непотврдена вест за спојување на три големи јапонски компании (Нисан, Хонда и Мицубиши), по што акциите на Нисан на токиската берза пораснаа во вредност за 22 отсто, додека на Хонда паднаа за три отсто.
Тргувањето со акциите на Нисан беше привремено прекинато поради можноста за шпекулативни трансакции, но продолжи откако трите фабрики заеднички објавија дека размислуваат за различни форми на идна соработка, но дека не се донесени никакви одлуки.
Тие производители уште во август најавија дека ќе работат заедно на софтвер за автономно возење и компоненти за електрични возила и беше склучен договор за таква соработка.
Доколку трите компании се спојат, ќе се формира автомобилски гигант вреден повеќе од 55 милијарди долари, со потенцијал да биде меѓу трите најголеми во светот, заедно со Тојота и Фолксваген.