Николоски тврди: Ваква камата за заем може да се добие само со врски, СДСМ вели дека имаме и поповолни


За вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, заемот од Унгарија во висина од 500 милиони евра е со најдобрите услови што можат да се добијат и им порача на граѓаните да размислат кој може вакви услови да добие од било која деловна банка.

– Нека размислат дали било кој може да добие вакви услови во било која банка кога ќе појде да купи стан. Под 5% нема камата и тоа треба силно да се потрудите, ај да не велам дека треба пријатели да имате во банка. Позајмицата е во износ од 500 милиони евра и тоа е голема сума, имаме три години грејс период што значи во тие 3 години не враќаме ништо. Вкупен рок за отплата се 15 години и каматата е само 3.25%, што е историски најниска камата. СДСМ земаше и ги враќаше за пет години, рече Николоски.

Според него Унгарија покажала дека е еден од најдобрите пријатели на Македонија.

– Зошто ни се потребни овие средства? Овие средства ни се прво за да го поддржиме стопанството. Под исти услови под кои што ги земаме овие средства ќе ги пласираме во стопанството. Тоа е за првите 250 милиони евра, а додека пак другите 250 милиони евра ќе ги користиме за општините за да ги развиеме општините. Постигнат е одличен договор и Унгарија покажа дека е еден од најдобрите пријатели на Македонија. Виктор Орбан покажува една прекрасна визија за Македонија. Интерес на Унгарија е единствено стабилна Македонија, развиена Македонија. Нивниот интерес е Македонија да стане членка на ЕУ, истакна Николоски.

Сепак, ова е само половина од тоа што го вети македонскиот премиер Христијан Мицкоски ден по победата на изборите на 10 мај. Милијардата што ја најави Мицкоски беше дел од амбициозната програма на партијата, а која се состои од 1.198 проекти и мерки кои ги вети ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.

„Фокус“ пишуваше неодамна дека финасискиот пакет кој ќе го потпишат владите на Унгарија и на Македонија најверојатно ќе се реализира преку тамошната државна „Ексим Банк“ која и претходно обезбедувала кредити на земји во развој, но според унгарските медиуми нема силно портофолио за обезбедување на толку високи суми. Истата банка ја поддржала владата на Република Српска предводена од Милорад Додик со 116 милиони евра, а поддржувала земји како Иран, Лаос и Египет.

Од СДСМ пак порачаа дека ова е политички кредит и дека ВМРО-ДПМНЕ и Александар Николовски не ја кажуваат вистината бидејќи македонија досега добила поповолни кредити, сопомала камата од договорената во четири очи на Мицкоски во Будимпешта.

-Ова е политички кредит.Условите под кои се зема ова задолжување се далеку понеповолни, со камата повисока од најавената од 3,25% и сето тоа врз грбот на граѓаните.Македонија е веќе корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по многу подобри услови и помала камата од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години.

Зошто без никакви други обиди преку контролирани механизми на задолжување од меѓународни финансиски организации Мицкоски сака да земе кредит во четири очи? Задолжувањето на државата со нови 500 милиони евра од Унгарија, договорени во четири очи нема никаква врска со специјална економска соработка. Ова е кристално јасно, порачаа од СДСМ.

На овие забелешки реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

-Минатата година владата на СДС и ДУИ обезбеди еврообврзница од 500 милиони евра со каматна стапка од 7%. Парите обезбедени од Унгарија се со каматна стапка од 3.25% или повеќе од половина помалку од таа обезбедена од Владата на СДС и ДУИ. Година и пол по еврообврзницата на СДС, државата нема ништо направено, парите отидоа во приватни џебови. Додека од половина милијарда од Унгарија, половина ќе бидат за кредити за компании и за стопанството, другата половина за општински капитални проекти и развој на локалната самоуправа, порачаа од оваа партија.