Николовски: Од ИПАРД 2 нема да вратиме ниту едно евро

Министерот за земјоделство вели дека досега се склучени 2.369 договори, што е повеќе од вкупниот број договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно


 

 

Фирмите и граѓаните во земјава во наредните години ќе имаат на располагање нови 97 милиони евра бесповратни средства за инвестиции во руралните средини, кои заедно со националното кофинансирање ќе достигнат значаен износ од околу 120 милиони евра. Станува збор за почеток на реализацијата на ИПАРД 3 програмата, за која се очекува да почне кон крајот на август годинава. Ова доаѓа откако нашата земја финишира со ИПАРД 2 програмата која изнесува 60 милиони евра, и за која утре Платежната агенција ќе го објави последниот повик за мерката 3 која се однесува на инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рудни производи во износ од 8,8 милиони евра.

„Тоа е последен повик од ИПАРД 2 програмата 2014 – 2020 година. Ако се искористат сите овие средства тоа ќе значи околу 20 милиони евра нови инвестиции само по основа на овој последен јавен повик“, вели министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Николовски на средба со новинарите вели дека целта е максимално искористување на ИПАРД 2, „до последно евро“. Засега се склучени 2.369 договори, што е повеќе од вкупниот број договори во Србија, Албанија и Црна Гора заедно. Тој не го криеше задовоството од фактот што Македонија прва во регионот почнува со ИПАРД 3 програмата која е заголемена за 62 проценти.

„Овој последен повик го објавуваме со цел овие 8,8 милиони евра, како последни пари од ИПАРД 2, да бидат инвестирани дома со што, во буквална смисла, ниту еден денар нема да вратиме назад, за разлика од ИПАРД 1 кога 60 милиони евра беа вратени кон ЕУ. На овој начин, вкупната реализираност на ИПАРД Програмата би достигнала 100 проценти, што би било уште еден успех за државата. Успехот е за восхит, не само зашто сите пари ги искористуваме, насочувајќи ги во инвестиции на домашни компании, туку направивме и рекорд во регионот. Со последниот повик бројката на договори би се зголемила и рекордот би се потврдил“,  истакна Николовски.

Тој вели дека ако за ИПАРД 2 сме имале на располагање 60 милиони евра, во ИПАРД 3 на располагање се 97 милиони евра неповратен дел од ЕУ, или вкупно со националното кофинансирање околу 120 милиони евра. Многу бргу, најверојатно до крајот на август,  ќе биде објавен првиот повик за ИПАРД 3 програмата кој што ќе ги опфати мерките 1 и 7 со буџет од 20 милиони евра.

Николовски објасни дека финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска помош односно грант во износ од 50 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на целокупната инвестиција.

Инаку, што се однесува до последниот повик од ИПАРД 2 програмата, крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември. Инвестициите кои ќе бидат одобрени мора да завршат на 31 мај идната година, а барањето за исплата мора да биде поднесено до 30 јуни. Потоа, Платежната агенција има обврска во рок од шест месеци да ги исплати средствата.

ИПАРД 2 повикот ќе се однесува на мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рубни производи“. Новите инвестиции би биле за млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, вклучувајќи јајца и живина, овошје и зеленчук, житарки, мелнички и растителни производи, масла и животински масти, а финансиската поддршка е 75 отсто од ИПАРД и 25 проценти од државниот буџет. Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна помош (грант) во износ од 50 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

Во јавниот повик не се прифатливи инвестиции во градежни работи. Повикот е исклучиво наменет за набавка на опрема за преработки. Во однос на инвестициите поврзани со производство на енергија од обновливи извори, единствено прифатливи се инвестиции за набавка и инсталирање опрема за производство на енергија за сопствени потреби. 

„Сите македонски компании од агросекторот треба да се потрудат да подготват добри, издржани апликации. Во оваа насока, министертството ќе организира неколку состаноци овој месец со сите потенцијални апликанти“, најави Николовски. 

„Што значи, се надеваме на успешен крај на ИПАРД 2 програмата на крајот на следната година“, вели Николовски.

За разлика од ИПАРД 1 програмата кај која поради неискористеност, државата врати назад во европскиот буџет 60 милиони евра, Николовски вели дека ИПАРД 2 програмата има реални шанси целосно да се искористи.

Одговарајќи на прашање на новинарите, кои бизниси најмногу користат од овие програми, Николовски рече дека со крајот на ИПАРД 2 ќе се направат сеопфатни анализи и кој е импактот на македонската економија од ИПАРД 2 програмата.

„Она што можам да го кажам е дека од 2.400 договори што нас не прави горди, повеќе од 800 се потпишани од млади лица, помлади од 40 години што е значајна мотивација. Мојата перцепција е дека во реализацијата на ИПАРД 2, максимално искористи преработувачката индустрија“, рече Николовски додавајќи дека клучниот фактор во растот на извозот на преработувачката индустрија, како на пример извозот на ајвар и на други преработки, се должи на компании кои што искористиле голема поддршка од ИПАРД 2 програмата.

„Затоа и повикот до медиумите да ги посетат овие големи компании, па и мали корисници, со цел да се гради довербата со целокупната јавност бидејќи имаме голем буџет и треба се да направиме ИПАРД 3 да биде целосно искористен“, рече Николовски.

Според него, ако во ИПАРД 2 целокупниот фокус беше на преработувачката индустрија, во ИПАРД 3 неговото очекување е дека главниот фокус ќе биде руралниот туризам.

„Од информативните средби и сите контакти што ги имаме и особено после ковид кризата расте бројот на подготвени апликанти. Оние кои што доаѓаат на нашите информативни средби ја имаат целокупната документација, па дури одобренија за градба на угостителски комплекси, на хотели до 20 соби, на ресторани, кои што се во руралните средини. Тоа е мотивирачки затоа што имаме голем број на апликанти кои што ја очекуваат мерката седум  која што ќе излезе до крајот на месецот“, рече Николовски.

Тој вели дека на располагање се 20 милиони евра на првиот повик што е голем буџет, и второ предизвик е да се вклучат општините на почеток на 2024 година да може да аплицираат.

„Ако во ИПАРД 2 ефектите ги видовме во преработувачката индустрија за ИПАРД 3 очекувам фокус да биде руралниот развој и користење на ИПАРД средствата од општините. Само со инвестиции во сите општини може да ги задржиме и да ги вратиме младите во руралните средини, во селата и затоа не радува и големиов буџет и акредитацијата на мерката за рурална јавна инфраструктура за која што сакаме да потенцираме дека е пред самиот крај. Не е нешто што го почнуваме сега, туку оваа мерка е пред финалните постапки која што траат неколку години и затоа ја ставаме на располагање во ИПАРД 3“, рече Николовски.