Николоски во Будимпешта – се разговараше за кредитот од 500 милиони евра


Александар Николоски и Балаш Орбан

 

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска е во Будимпешта каде разговараше за најавениот кредит од Унгарија од 500 милиони евра и за блиските односи со владата на Виктор Орбан. Според соопштението од Министерството за транспорт Николоски се сретнал Балаш Орбан, политички директор на унгарскиот премиер.

„На средбата беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а посебен акцент беше ставен на финансиската поддршка од 500 милиони евра што Унгарија ја овозможи на Македонија за поддршка на домашната економија.

Вицепремиерот Николоски изрази огромна благодарност до Балаш Орбан и ја потенцира подготвеноста на Владата за обезбедување на забрзан економски развој и унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата“.

Се разговарало и за помошта од Унгарија за справување со пожарите во нашата земја.

Политичките односи помеѓу двете земји се на високо ниво, истакнал Николоски, нагласувајќи ја важноста од поддршката што ја овозможува Унгарија за Македонија во насока на забрзување на евроинтегративниот процес.

Николоски нагласил дека Македонија останува на курсот за активно учество за промоција на стабилноста и безбедноста преку одбранбените иницијативи на Европската Унија и НАТО за зајакнување на трансатлантска безбедност.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најверојатно следната недела ќе отпатува за Унгарија, но прво треба да пристигне билатераниот договор.