Николоски, Стоилковиќ и Муцунски на средба со Ана Брнабиќ разговарале и за Отворен Балкан
Делегацијата во состав од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денеска во Белград оствари средба со претседателката на српското собрание, Ана Брбнабиќ.
Според соопштението од Министерството за транспорт, на средбата биле потврдени добрите билатерални односи меѓу двете земји со посебен нагласок на зголемување на можностите за економска и трговската соработка, како и иницијативите поврзани со Отворен Балкан.
Тоа што се потенцираше на средбата е соработката во делот на регионалните проекти од заеднички интерес за двете земји. Притоа од македонска страна била нагласена „огромната заложба на Владата за изградба на брзата пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на земјите од Централна и Западна Европа“.
Македонија и Србија се два братски народи и во духот на добрососедството, соработката меѓу двете земји ќе продолжи на повисоко ниво се со цел на поквалитетен начин да се реализираат заедничките иницијативи, стои во соопштението.
Исто така македонската и српската страна ги истакнале и реформските процеси што ги спроведуваат земјите во процесот на пристапните преговори за членство во Европската унија. Во тој контекст се отворија и прашањата поврзани со регионалниот развој и интеграцијата на земјите во единствениот европски пазар.