Николоски: Проблемот со Бугарија ќе се реши за едно попладне, ако во ЕУ сакаат проширување
Добро е што водиме достоинствена политика во однос на евроинтеграциите и не правиме понижување на сопствената нација и држава. Не коленичиме, туку достоинствено ја водиме политиката. Ова вчера во телевизиско гостување го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање за влезот на државата во ЕУ, но и за неодамна изнесениот став на премиерот Христијан Мицкоски оти е подготвен да чека со децении без уставни измени.
Ставот на земјава кон членството во Европската унија, како што вели, е јасен и конзистентен.
„Тоа што е до нас, го правиме. Во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот, што ќе се потврди и во новиот извештај што се очекува во јуни. Во делот на реформите го спроведуваме она што се бара, но има сегменти каде што немаме влијание“,рече тој.
Според него, вистинскиот предизвик во целата ситуација не е Софија, туку недостигот на јасна одлука кај клучните европски центри за идното проширување на Европска Унија.
„Јасно е дека не е само Софија проблемот, туку дека е добар изговор за да не се реши проблемот. Чекаме неколку големи главни градови да одлучат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Ако постои политичка волја, прашањето со Бугарија може да се реши за едно попладне“, кажа Николоски.
Во однос на негова претходно дадена изјава дека Албанија во блиска иднина нема да стане членка на ЕУ, Николоски рече дека и натаму стои зад тој став, појаснувајќи дека тоа не е поради недоволни реформи на Албанија, туку поради неизвесноста во самата Унија околу проширувањето.
„Жал ми е што сум во право, бидејќи мојата цел беше навремено да предупредам. Улогата на политичарите е да носат одлуки врз основа на информации, но и да ја информираат јавноста за реалноста, за таа да може соодветно да се прилагоди“, додаде вицепремиерот и министер за транспорт.