Николоски: Одзедовме 427 лиценци, другата недела ќе ги кажеме имињата на фирмите


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски информираше дека од вкупниот број издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на ДУП кој изнесува 3 илјади лиценци, до денеска прегледани се 2810. Од нив, одземени се 427.

– Тие се однесуваат во делот на градба, надзор, проектирање, изработка на детални урбанистички планови. Најголемата е бројката на изведувачи на градба во Б категорија, тоа е практично сè што не е врвен државен објект, меѓу што и станбени згради. Таму ќе се одземат 198 лиценци. Во понеделник таа работа ќе биде завршена, а во вторник ќе имаме конкретни бројки и со име ќе ги извадиме сите носители на лиценци на сите носители на кои ќе им бидат одземени лиценците. За истото ќе го известиме надлежното обвинителство и МВР – рече Николоски.

Николоски додаде дека наскоро јавноста ќе добие бројки од целата акција која ја презема владата а која се однесува на проверка во сите сектори каде констатирале недоследности.

Како клучни причини за одземањето на лиценците, Николоски ги наведе недостатокот на стручен кадар, како и одредени типови на градежни машини.

– Забележавме дека исто лице фигурира на пет-шест различни фирми или пак се прави договор само за да се добие лиценцата, а веднаш потоа тој вработен се одјавува. Ова е класично изигрување на системот. Македонија е мала држава, а министерството има издадено околу 3.000 лиценци, што е повеќе од реалниот капацитет – изјави Николоски за ТВ Сител, додавајќи дека очекува бројот на лиценцирани фирми да се намали на околу 2.500 по следната контрола.

Министерот рече дека во наредниот период ќе се испитуваат и проектите во кои учествувале овие фирми, а компаниите што ја изгубиле лиценцата, најмалку една година нема да можат да аплицираат за нова.