Николоски очекува два или три мандати на оваа влада
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, од Белград изјави дека очекува два или три мандати на оваа влада во која би биле завршени големи инфраструктурни проекти. Тој дури изјави дека во 2030 би имале и пруга кон Солун на која ќе се вози со 200 километри на час.
Интересно е што во разговорите со српските соговорници на фотографиите се гледа дека шеф на македонската делагција е вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, додека Николоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски седеа на страна.
По средбата со министерката за рударство и енергетика Дубравка Бедовиќ-Хандановиќ, Николоски изјави дека разговарале за изградба на интерконектор или гасно поврзување меѓу Македонија и Србија што треба да следи после гасното поврзување или интерконекторот меѓу Македонија и Грција.
„На тој начин ќе се изгради целокупен гасовод кој што ќе оди од Грција преку Македонија и Србија до Унгарија, Австрија и Централна Европа со што Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа. Со транзитот на гас Македонија ќе остварува големи приходи“, рече Николоски.
Тој рече дека на изградбата на брзата пруга „е еден од првите приоритети на којшто јас трошам многу време и енергија. Нашата цел е да во многу брзо време да ја испроектираме и да ја изградиме брзата пруга. Не сакам да давам рокови но ако успееме во рамки на извесните два мандати кои што ќе ги има оваа оваа влада, зашто да нема и три, некаде помеѓу 2030 и 2032 година ќе имаме функционална брза пруга со 200 кm на час што ќе значи препород за цела Македонија“, рече Николоски.