Николоски ја обвини Шекеринска дека со судска пресуда сакала да го укине ВМРО-ДПМНЕ

Вицепремиерот тврдеше без факти дека 3.000 луѓе на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на судски и обвинителски постапки за време на претходната власт


Александар Николоски на собраниската говорницза за време на расправата за новиот јавен обвинител (Фото: Б. Грданоски)

 

Жестока вербална престрелка се случи во Собранието меѓу вицепремиерот Александар Николоски и пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на расправата за избор на нов јавен обвинител, наследник на Љупчо Коцевски. Николоски во својата реплика ја обвини претходната власт дека го контролирала правосудството и штитела партиски кадри.

„Претходниот обвинител не решаваше предмети, не постапуваше и ги штитеше вашите пријатели од поранешното раководство на СДСМ. Кога зборуваме за контрола, сѐ уште најголем дел од судскиот и обвинителскиот совет се контролирани од Струмица, од Зоран Заев“, изјави Николоски.

Според него, СДСМ нема кредибилитет да зборува за политички прогон, обвинувајќи дека 3.000 членови на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на постапки.

„Три илјади луѓе од ВМРО-ДПМНЕ ставивте под прогон. Луѓето уште не можат на себе да дојдат. Сменивте обвинители и формиравте СЈО кое заврши како што заврши, со торба со пари“, рече Николоски.

Во репликата, тој изнесе и тврдења дека постоеле обиди за, како што рече, политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ: „На оваа што е заменик-генерален секретар на НАТО (Радмила Шекеринска) целта ѝ беше со судска одлука да го затвори ВМРО-ДПМНЕ и да го прогласите за терористичка организација“.

На ваквите обвинувања возврати Тренчевска, која оцени дека власта има намера да воспостави контрола врз правосудните институции.

„Од вашата реплика очигледно е дека сте загрижени само за Груевски. Да не заборавиме на заробената држава во времето на владеењето на ВМРО. И претходно и сега, вашата цел е да имате контрола врз правосудните органи. Токму поради тоа е нашата загриженост“, изјави Тренчевска. 

Претходно таа јасно најави дека СДСМ нема да гласа за Ненад Савески, бидејќи за нив не е важно во моментов кој е кандидатот, туку во каков систем се поставува на функцијата. Според неа, власта со сите потези досега покажала дека го претвора Јавното обвинителство во своја продолжена рака и става партиска контрола врз прогонот во земјата.

СДСМ нема да го поддржи предлогот за нов јавен обвинител, објави Јована Тренчовска (Фото: Б. Грданоски)

„Главното прашање не е дали ќе избереме јавен обвинител, туку дали ќе изградиме држава во која обвинителството ќе им служи на граѓаните, а не на власта“, рече таа, изразувајќи јавна недоверба дека Савески ќе одолее на притисоците, бидејќи, како што рече, предлагачот е толку компромитиран – што ја компромитира и биографијата на предложениот кандидат. „Сите примери досега покажаа дека власта не е искрена и дека Савески нема да биде национален, туку партиски обединител на ВМРО-ДПМНЕ, во атмосфера на политички прогон против политичкиот ривал“, обвини таа. 

Реплицираше и Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека за СДСМ било „цивилизациски шокантно“ некој да не сака да намести јавен обвинител и дека затоа вака реагираат. Тој ја нарече „импозантна“ биографијата на Савески и порача дека актуелната влада трпи најмногу критики од народот поради тоа што тие што направиле најмногу криминал во време на претходната, не биле во затвор. Тој потоа ги наброја сите обвинители кои според негова оценка биле од прв до последен под партиско влијание на СДСМ, ставајќи ги тука и обвинителите од СЈО, а пред сѐ Катица Јанева, иако нејзиниот избор беше компромис меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Пржино.

Јована Тренчевска го потсети Стојановски дека и ВМРО-ДПМНЕ учествувал во изгласувањето на СЈО.  На нападите пак од пратеничката Драгана Арсова од владејачката партија за тоа колку било независно обвинителството во времето на СДСМ, Тренчевска возврати со прашањето: „Се сеќавате ли колешке на Михајло и Филимена Маневски? Се сеќавате ли на Сваровски судството? Се сеќавате ли на тефтерчето на Горде? Или немате храброст да зборувате за тоа“. 

На високите тонови им се приклучи и Моника Зајкова од ЛДП, која им порача на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе можат да зборуваат за правда тогаш кога ќе се оградат од криминалите на нивните  функционери, а не да ги слават како херои, потсетувајќи ги притоа дека две години се на власт а не направиле ништо да го соочат со правдата Никола Груевски. 

Во расправата очекувано имаше и примитивни напади како тој на еден од пратениците дека „трите Грации на СЈО се извалкале повеќе од трите прасиња“. 

Размената на остри тонови доаѓа во период кога Собранието расправа за изборот на нов државен јавен обвинител, што дополнително ја засилува политичката поларизација околу состојбите во правосудството. Претходно Николоски образложи зошто Ненад Савески е предложен за нов државен јавен обвинител, нагласувајќи дека правосудниот систем се соочува со сериозен недостиг на доверба кај граѓаните.

„Обвинителско-правосудниот систем не влева доверба, а рејтингот на институциите е околу 2 проценти. Граѓаните почесто гледаат неправда отколку правда“, изјави Николоски.

Тој посочи дека токму затоа е потребен нов пристап и личност со искуство, која ќе може да придонесе за промена на состојбите. Според Николоски, Савески ја започнал кариерата во Основниот суд во Гостивар во 2000 година, а подоцна бил стручен соработник, јавен обвинител и судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Дополнително, како што истакна, Савески бил дел од повеќе домашни и меѓународни експертски групи, ангажиран во проекти на ОБСЕ, Советот на Европа и други организации, како и во законски реформи и обуки поврзани со кривичната постапка и посебните истражни мерки.

„Се работи за човек со сериозна биографија, без дамки во кариерата, кој постојано се дообразува и има меѓународно искуство“, нагласи Николоски.

Тој додаде дека Савески говори повеќе јазици и дека е „еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство“.

Николоски потенцираше дека од новиот јавен обвинител се очекува да донесе резултати и да ја подобри работата на институцијата, но истовремено нагласи дека за тоа е потребна поддршка од целиот обвинителски систем.

„Еден човек не може сам. Потребен е тим и координација за да се испорача правда на сите нивоа“, изјави тој, повикувајќи на поддршка за кандидатурата. 

Пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија изјави дека ќе го поддржат изборот на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, но упати и остри критики кон досегашното раководство на Јавното обвинителство.

Станковиќ оцени дека Савески презема „многу тешка и храбра задача“, бидејќи институцијата, според него, има исклучително ниска доверба кај граѓаните.

„Обвинителството има само околу 2 проценти доверба меѓу граѓаните. Тоа е веројатно статистичка грешка, бидејќи реално речиси никој нема доверба во ова обвинителство“, изјави Станковиќ.

Тој нагласи дека првото очекување од новиот обвинител е да се „расчисти сопствениот двор“ во институцијата и да се утврди одговорност за евентуални пропусти во работењето во изминатиот период.

„Постојано слушаме случаи каде обвинителството не постапува. Не може да остане само на муабети и обвинувања по телевизии. Ако сака да ја врати довербата, прво мора да се расчистат состојбите внатре во самото обвинителство“, рече Станковиќ. Според него, втората клучна задача е обвинителството поефикасно да постапува по пријавите за злоупотреби и да се справи со кражбите на државниот буџет. Како трет приоритет, Станковиќ посочи дека очекува институцијата посериозно да се зафати со високиот криминал и, како што рече, со олигархијата во државата, вклучително и финансиски структури, банки и градежни компании.

 

Тој порача дека Социјалистичката партија ќе ја поддржи кандидатурата на Савески, но нагласи дека внимателно ќе ја следат неговата работа и очекуваат конкретни резултати во борбата против корупцијата и криминалот.