Николоски ја фалеше француската компанија за надзор „Ежис“, нејзини вработени се уапсени за трагедијата во Нови Сад
Двајца вработени од француската компанија „Ежис“ кои вршеле главен надзор на рекострукцијата на железничката станица се во притвор
Министерот за транспорт, Александар Николоски, на неколку пати досега забележуваше зошто италијанската компанија за надзор ИРД била избрана да врши надзор на изградбата на автопатиштата на „Бехтел и Енка“, а не, според него, многу пореномирани компании од САД и Франција.
Во интервју за „Фокус“ во септември Николоски рече:
„Како тоа победи компанија од Италија, која во Италија не работи ништо, а не победи американската компанија ‘Хил’, која е број 1 за надзор во САД, или француската компанија ‘Ежис’, која е број 1 за надзор во Франција? Француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда.
(Таа била дисквалификувана) поради некои ситни технички образложенија. Значи, број 1 компаниите во САД и во Франција губат од компанија од Италија која никој не ја познава“.
Во Србија француската компанија „Ежис“ добро ја познаваат. И тоа толку добро што двајца нејзини вработени се меѓу единаесетемина денеска уапсени за трагедијата на железничката станица во Нови САД, каде при падот на настрешницата загинаа 15 лица.
Како што дознава српскиот медиум „Нова економија“, уапсени се Дејан Тодоровиќ и Марина Гавриловиќ, инженери вработени во компанијата „Ежис“.
Тодоровиќ бил ангажиран на функцијата Надзорен орган за инфраструктурни објекти на службени места, а Гавриловиќ била Надзорен орган за архитектура во делот 1 од брзата пруга што тргнува од Белград, кој ја опфаќа Железничката станица во Нови Сад.
Српската подружница на „Ежис“ вршеше директен надзор над работите на Железничката станица. За надзор на работата на целиот проект беше ангажиран конзорциум од шест компании.
Како што е наведено во договорот за конзорциум, „секоја страна ќе биде индивидуално и исклучиво одговорна за опсегот на услуги што ги обезбедува и за сите поврзани обврски и активности наведени во договорот (со инвеститорот – н.з.)“.
Како што е наведено во тој документ, орган за надзор за архитектура (надзорен инженер) бил само „Ежис“. Во согласност со Законот за планирање и градење на Србија, „Ежис“ обезбедувала лица кои ги следеле работите и воделе градежен дневник и градежна книга.
„Ежис“ ги надгледуваше работите на делниците 1 и 3 од пругата. Дел 1 (Нови Сад – Врбас, крстосница Нови Сад) ја опфаќа и Железничката станица Нови Сад.
Француската компанија засега не се огласила во јавноста за овој случај. „Ежис“ е најпознат во Србија по тоа што е една од трите клучни компании вклучени во проектот „Белградско метро“, задолжена за студии и дизајн.