Николоски го нападна Еди Рама, го поистовети со Енвер Хоџа
Николоски пушти уште една „бомба“ во Собранието - дека Левица ја создал Сашо Мијалков за да ја уништи Шарената револуција
Вицепремиерот Александар Николовски, место да одговори денес на прашање од пратеникот Амар Мециновиќ, што ќе се преземе за огромните цени на станбениот квадрат во Македонија, го нападна албанскиот премиер Еди Рама како некој кому му се „поклонува“ Левица, која пак била најодговорна за урбанистичката криза, бидејќи создавала хистерија околу градењата.
Според него, во Македонија има побарувачка, а нема станови поради таа хистерија и разните ограничувања што ги предизвикува. Но за да биде поилустративен, ја обвини Левица дека не го кодоши Еди Рама во УНЕСКО за Охрид и не кажува што прави албанскиот премиер од другата страна, во Подградец пред сѐ.
„За урбанизмот ја следиме вашата политика и еве квадрат е 2.500 евра, ако продолжиме да ве следиме, ќе биде и 5.000 евра. Има огромна побарувачка, а нема понуда. И гледам, многу сте загрижени за Охрид. Знаете колку е станбен квадрат во Охрид – 4.000 евра. Знаете зошто? Од вакви како вас.
Затоа што сите возможни заштити се ставија да не се гради, а таму каде што се гради не може повеќе од два три ката и младите луѓе се пакуваат и си одат. Зошто не се гради и не може да се гради: Заради ограничувањата. Во УНЕСКО велат дека сами си ја кодошите државата. Ама за Подградец не кодошите.
Зашто очигледно немате сила да му се спротивставите на Еди Рама и да кажете што правите на таа страна. Па одите таму да се поклонувате на гробот на Енвер Хоџа, кој пак е претходник на Социјалистичката партија што сега ја води Еди Рама. Кој што е ултрадемократичен, нели, претходникот си го стави во затвор со ќотек. Да, претходниот претседател на Социјалистичката партија – дело нема, ама две години го држи во притвор. На тоа вие се поклонувате и таков ви е пријател. Популизмот така ни се удира од глава“, рече Николоски.
Последен пат ваков политички излет направи со Бугарија и ги нарече тогашниот претседател Румен Радев и другите врвни политичари „мизерни“ и со време се покажа дека зад тоа имало план, цел и стратегија.
Тоа сепак не беше единствената „бомба“ на вицепремиерот. Во обидот да ја расветли улогата на Левица тој го праша Меециновиќ кој ја основал неговата партија, па самиот одговори дека тоа го направиле со финансиска помош од Сашо Мијалков, а целта што требале да ја исполнат била – да ја уништат Шарената револуција.
„Вие повторно пуштатe монтирани соопштениja со слики монтирани од мене, од премиерот, на овој што ве формираше, па сте ја ставиле во позадина сликата на тој што Ве формираше. Прашајте го Димче Апасиев како сте формирани. Јас ќе ви кажам – со директна материјална подршка на Сашо Мијалков кој сега го обвинувате за градење на хотел во Охрид и ние не сме ги спречиле. И која ви беше улогата во 2015 година – да ја рушите Шарената револуција“, рече во тирадата од говорницата Николоски.
Претходно денеска, Левица во партиско соопштение рече дека со последните измени на Правилникот за урбанистичко планирање, донесени од Министерството за транспорт, се проширува категоријата „објекти од државно значење“ така што во неа влегуваат и хотели и супермаркети.
Според партијата, станува збор за одлука која суштински го менува значењето на јавниот интерес во урбанизмот и отвора сериозни прашања за начинот на кој се управува со просторот, оваа измена има директни просторни и политички импликации. Со ваква класификација се создава простор за заобиколување на постојните плански процедури.
Левица вели дека во вакви одлуки јасно се препознава матрицата, како што велат, на ВМРО-ДПМНЕ, каде државата не се разбира како систем на правила и институции, туку како алатка која се присвојува.
„Наместо принципот на јавен интерес, се наметнува логиката ‘државата, тоа сум јас’, каде што она што е од корист за одредени економски центри на моќ, се прогласува за државен приоритет“. (Н.В.)