Николоски до Захариева: Зошто Македонците не бараа пасоши пред Бугарија да стане членка на ЕУ? 


Во вчерашното интервју на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во емисијата „Стадион“ на Канал 77 и одговори на бугарската министерка за надворешни работи, Екатарина Захариева за нејзината изјава за заштита на луѓето кои поседуваат бугарски пасош во Македонија, од страна на бугарската држава.  Николовски ја запраша Захариева зошто овие луѓе не побарале бугарски пасоши пред Бугарија да стане членка на ЕУ и зошто овие луѓе не живеат во Република Бугарија.

 „Она што сакам да и го порачам на Захариева е следното, да ги праша овие 86-7 илјади луѓе, како што вели таа, дали тие воопшто се загрижени за Бугарија и да ги праша уште едно конкретно прашање, како не бараа бугарски пасоши пред Бугарија да стане членка на ЕУ и зошто ако земале бугарски пасоши не живеат во Бугарија“, додаде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека одговорот на овие прашања е од социо-економски карактер и дека овие луѓе вадат бугарски пасоши за да отидат во земјите од ЕУ, да заработат и повторно да се вратат во Македонија.

„Одговорот е едноставен, луѓето бараат парче леб, подобар живот, ги земаат тие пасоши и одат работат во Германија, Франција во други земји членки на ЕУ, заработуваат по некои денар и си се враќаат назад во Македонија да можат да живеат“, изјави Николоски. Тој заклучи дека, токму ваквите изјави на бугарските власти се ударот на македонската државност кој се обидуваат да го направат.