Може ли бугарскиот амбасадор да биде протеран поради изјавите за бегството на Михаилова?
Изјавите на министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и амбасадорот Жељаско Радуков дополнителни ги влошија и така лошите односи меѓу Скопје и Софија
Претставник на амбасадата на Бугарија во Скопје денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во врска изјави на високи функционери во Софија во врска со случајот со Ива Михаилова. Амбасадорот Жељаско Радуков не е во Скопје во моментов.
Како што соопштија од македонското МНР, на средбата било изразено незадоволство од неодаменшната изјава на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, која била оценета како навредлива и провокативна.
Од МНР изразиле и незадоволство и од изјавата на амбасадорот на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков, за бугарската бТВ, во која рече дека би бил изнанаден ако македонските власти не знаеле за заминувањето на Михаилова од Македонија.
Ваквата изјава на Радуков од ресорното Министерство ја оценуваат како директно мешање во внатрешните работи на Македонија, поради изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции.
„Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, се вели во соопштението од македонското МНР.
Во соопштението се додава дека ваквата изјава „може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи за немешање во внатрешните работи на државата на прием.
Дали тоа може да значи дека амбасадорот Радуков може да биде прогласен за персона нон грата во земјава, што екстремно ќе ги заостри и така тешките односи меѓу двете земји. Веројатно ќе предизвика и протерување на новопоставениот македонски амбасадор во Софија. МНР во соопштението на крајот вели дека Скопје ја нагласува посветеноста на развојот на добрососедските односи, а засновани на меѓусбено почитување, доверба и европски принцип. И истата посветеност ја очекува и од бугарската страна
Бугарскиот министер за внатрешниот работи Иван Демерџиев во интервју за поткаст, го повтори ставот дека Бугарија нема да ја екстрадира Ива Михаилова, по која македонските властио имаат распишано меѓународна потерница.
Во изјавата Демерџиев во еден момент вели дека Бугарија ниту ќе ја бара ниту ќе ја предаде Михаилова на „српските власти“.
„Ива Михаилова не е барана од нас, нашата дирекција за меѓународно и оперативна соработка доби барања таа да биде екстрадирана, но одговорот е негативен, ниту ќе ја бараме ниту ќе ја предадеме на српските власти. Имаме причина, таа е граѓанин на Бугарија поради што стрикно ги приложивме соодветните процедури и закони. И ниту ќе ја бараме, ниту пак ќе ја предадеме“,изјави Демерџиев.
На прашање на новинарот дали станува збор за ненамерна грешка или, пак, намерно ја споменал Србија, со тоа што македонските власти ги нарекува српски, Демиерџиев одговори дека се работи за грешка, но додаде дека таа не била толку голема.
„Беше грешка, но да кажеме дека, не толку голема грешка. Властите на Република Северна Македонија да бидам по прецизен“, рече Демерџиев.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Жељазко Радуков, во интервју за бТВ, изрази сомнеж дека Ива Михаилова ја напуштила Македонија без знаење на властите. Тој кажа дека не може да го потврди тоа, но би бил „исклуително изнанаден ако не било координирано“.
Амбасадорот својот го образложи со тврдењата дека Михаилова била на стоп-листа, со одземени пасоши и под полициски надзор. Според него, пред домот имало патрола, а цивилни полицајци ја следеле кога излегувала. Таа му кажувала и за дронови над куќата. Радуков, истовремено негираше дека тој или бугарската држава однапред знаеле за заминувањето. Бугарскиот амбасадор наведе оти не го поддржува заминувањето, иако ја разбира очајната состојба на Михаилова.
Радуков минатата недела беше повикан во македонското Министерство за надворешни работи откако се дозна дека Ива Михаилова се наоѓа во Бугарија.