ВМРО-ДПМНЕ ги објави гласовите на болните во Брвеница пред да бидат избројани од ДИК, обвини СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска изјави дека на 17 октомври гласаа болните и изнемоштените во Брвеница. 85 од 88. Веднаш по гласањето, во сабота, на социјалните мрежи профилите на ВМРО-ДПМНЕ ги поделиле бројките.

Таа наведе дека веднаш по затворањето на избирачките места порталот „Република“ ги објави резултати: 50 гласа за нивниот кандидат, 20 за Влен, 15 за ДУИ, нула за СДСМ.
Бројките се точни.

„Како знаеле ден порано?“, праша Кузеска.

„Болните и немоќните гласаат дома, во присуство на комисија. Кутиите се затвораат. Се носат. Се отвораат на денот на изборите, заедно со гласовите од избирачките места. Не се бројат претходниот ден. Не се објавуваат претходниот ден. Освен ако некој веќе ‘знае’ што има внатре. Оттука СДСМ нула. Лесно е кога некој има пристап до гласачките ливчиња.

Во ‘бомбите’ од 2015 година се слушаше токму тоа: влечење за уши, човечиња фатени за рака што ги водат да гласаат, контрола на ранливи групи, субвенции условени со глас.

Тогаш системот на Груевски го правеше тоа отворено. Сега, под арамијата Мицкоски, истиот систем работи само под радар. Знаат што има во кутијата пред да се отвори“, рече Кузеска.

Токму поради ова СДСМ нема да го прифати гласањето на дијаспората без контрола.

СДСМ бара обвинителство веднаш да спроведе истрага. „Како е можно да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места?“, рече Кузеска.