Никола Мицевски сега му нуди на Скендер Реџепи нова иницијатива за недоверба на владата


Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, преку Фејсбук му се обрати на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, нудејќи да се достави нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата, но овој пат потпишана од 20 пратеници. Ова барање на Мицевски доаѓа откако стана јасно дека новопрокламираното мнозинство, всушност, не е мнозинство, затоа што Реџепи не сака да биде во истиот потпишан строј со двајцата пратеници од Левица.

Мицевски пишува:

„Колега Скендер, ајде заедно да ја урнеме криминалната и од народот делегитимирана влада!

Откако во петокот јасно и недвосмислено 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за недоверба на владата, хибридниот режим на власта започна со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско Собрание.

Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“.

Тој се надева дека Реџепи ќе застане „заедно со мнозинството на пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското Собрание. Одлуката овој пат е многу поедноставна, овде не се гласа за идеологија, туку вистинското прашање е дали ќе дозволиме да продолжи криминалот и корупцијата или заедно ќе ја реформираме нашата заедничка татковина“.

Доколку Реџепи ја прифати оваа понуда тоа ќе значи сосема нова иницијатива за гласање недоверба на владата. Но, расправата за првичната иницијатива веќе е закажана за в четврток.

Реџепи, гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 во понеделникот  рече дека, доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата. Па, дури и ќе го врати пратеничкиот мандат. 

Инаку, самиот Мицевски е во изолација поради корона вирус.