Никола Ѓуричко, Александар Поповски, омаж за Пандур: МНТ го продолжува јубилејот со меѓународни гостувања


Во чест на првата претстава во Македонскиот народен театар, изведена на 3 април 1945 година, мината година, театарот одбележа 80 години од постоењето. Годинава продолжува со одбележувањето на јубилејот и на 81 година од постоењето. Роденденот на МНТ беше одбележан со македонски сценски спектакл, каде беше степенувана важноста на ансамблот на МНТ и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата.

Годинава пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.

Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ започнува на 30 март со стенд‑ап шоуто „Шоубиз“ (SHOWBIZ), во изведба на белградскиот и светски познат актер Никола Ѓуричко. Афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународна сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.

Ѓуричко e светски препознатлив и по улогата на Јури во хит серијата „Stranger Things“, како и во филмот „World War Z и други меѓународни продукции.

За неговото стенд-ап шоу вели: „Речиси три години не сум настапувал, па ми недостасуваше публиката. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето“.

Вечерта на 30 март, Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера.

Во продолжение на роденденската програма, на 1 и 3 април на сцената на МНТ ќе гостува Словенечко народно гледалиште Марибор (СНГ). На 1 април, публиката ќе има ретка можност да ја погледне претставата „Амадеус, во режија на нашиот познат режисер Александар Поповски, еден од најрелевантните македонски режисери со долгогодишна меѓународна кариера —  над 70 театарски претстави низ Европа, вклучувајќи Словенија, Италија, Грција, Австрија, Турција, Шведска, Данска, Англија и Германија. Од сезоната 2018/2019 тој е уметнички директор на Драмата во Марибор, каде што ја развива својата режисерска визија и продуцира значајни театарски остварувања.

На 3 април, на сцената на МНТ, гостува СНГ Марибор, со монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ — сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.

 Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласува меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар.

Претходно, на 28 февруари, во 20 часот, монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар.По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот. Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште. 

Билетите се пуштени во продажба.