Никола Димитров: Не заминувам, ми се прави хајка


Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ги демантира последните шпекулации дека си заминува од функцијата и својата професионална кариера ќе ја продолжи како советник и аналитичар во влијателниот Институтот „Брукингс“ во Вашингтон, близок до Демократската партија, наводно, наводно за сочна плата меѓу 12 и 14 илјади долари. Вели дека му се прави хајка. Информациите беа објавени синхронизирано од проопозициските портали, а беа демантирани од неговиот кабинет.

„Безобразно лажна вест, злонамерна шпекулација и ништо повеќе е веста дека министерот за надворешни работи Никола Димитров си заминува од оваа функција“, коментираа од кабинетот.

Според објавените информации понудата за нова кариера во САД министерот Димитров, наводно, ја добил во периодот пред потпишувањето на Преспанскиот договор, лично од поранешната амбасадорка на САД во НАТО, Викторија Нуланд, која сега исто така е дел од овој институт и од нејзината колешка Аманда Слоут, за која се зборува дека делумно помагала во пишувањето на Договорот со Грција. Димитров, наводно, оваа своја опција му ја соопштил и на премиерот Зоран Заев на почетокот на март оваа година, откако видел дека дефинитивно нема да биде кандидатот на власта за претседател на државата, понуда на која искрено се надевал и ја очекувал по ставањето на својот потпис за „Северна Македонија“ на Преспанскиот договор.

Симптоматично е што во рок од само седум месеци повторно се крева голема врева околу можното збогум на Димитров со извршната власт. На први октомври, само ден по референдумското изјаснување за промена на името, на социјалните мрежи проциркулира документ со наводна оставка на Димитров со печат од МНР и негов потпис, а наводно испратен до Заев, во кој тој си поднесува неотповиклива оставка. И тогаш, како и сега, од МНР тврдеа дека станува збор за лажна вест.

„Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат кој, и покрај аматерскиот и крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјален акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозното пласирање на една огромна невистина“, соопшти Министерството. ОД МВР најавија истрага, но до ден-денеска не се откри кој го (зло)употребил печатот за да го „разреши“ Димитров.

Во наводната оставка како причина беше наведен неуспехот на референдумот и носењето на дел од одговорноста како директен учесник во процесот. Министерот Димитров на Фејсбук тогаш напиша дека лажната вест е специјална војна.

„Не им доаѓа ум. Специјална војна почнаа. Значи, како што вели Виктор Иго, нема ништо посилно од една идеја на која ѝ дошло времето. Ќе ни ја биде нашата Македонија! И не дигам раце додека не ни ја биде!“, порача тој.

Историскиот договор, кој беше квалификуван од сите меѓународни политички фактори како победа на разумот над национализмите, како пример за политичка храброст и визија, и покрај сите проблеми околу обезбедувањето двотретинско парламентарно мнозинство на крајот сепак беше ратификуван во македонското Собрание, а ловориките ги собра тандемот Заев-Димитров.

Тоа беше период кога Димитров го издржа фронталниот напад на опозицијата која го обвини дека работи против интересите на државата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во јануари, неколку недели по усвојување на уставните амандмани предвидени со договорот од Преспа, поднесе интерпелација која не беше прифатена. Опозицијата го обвини Димитров дека ги прифатил сите максимални барања на Грција за решавање на спорот за името, а дека негов прв пораз бил Договорот за добрососедство со Бугарија и дека го навредил македонскиот народ со изјавата дека бил искомплексиран.

Тој, пак, во завршното обраќање од собраниската говорница порача „порано или подоцна, со мудра политика, помалку навреди и повеќе заедништво, светлината ќе ја победи темнината“ и дека секогаш ѝ служел на каузата за Македонија и оти прави сè што мисли дека е добро за државата и народот.

Неколку месеци подоцна, Димитров, кој не е дел од СДСМ, влезе во најтесниот избор за кандидат за претседател на државата на владејачката партија, но на крајот одлуката падна на Стево Пендаровски. Видливо беше отсуството на Димитров во неговата претседателска кампања. Тој се појави на трибини дури во последните два дена пред молкот пред вториот круг – во Охрид и Битола.

Наспроти тврдењата на Димитров дека тоа се должи на дипломатските обврски, во политичките кулоари отсуството беше протолкувано како последица на неговото незадоволство од рушењето на претседателскиот сон, кое на крајот може да резултира и со повлекување од функцијата откако следниот месец ќе биде соопштена одлуката за почетокот на преговорите со ЕУ. При евентуална таква разврска во редовите на социјалдемократите, каде што високо се вреднуваат неговите активности за постигнување на Преспанскиот договор, како и за засилување на меѓународната позиција на државата, се шпекулира дека сегашната министерка за одбрана Радмила Шекеринска би можела да биде нова шефица на дипломатијата. (Н.К.)

Фото: Б. Грданоски