Никој од обвинителите не се повлече од истрагата за Кочани: Одговор на Обвинителството до ДУИ


Фото. Б. Грданоски

 

ДУИ денеска преку соопштение тврдеше дека еден обвинител поради политички притисоци и квалификацијата за делото се повлекол од истрагата за трагедијата во Кочани, а потоа ваквите наводи беа демантирани од државното обвинителство.

Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација. Рекоа од обвинителството.

„Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“, информираат од Обвинителството.

Обвинител не се повлекол ниту од oсновните јавни обвинителства, што го сочинуваат тимот обвинители што постапуваат во истрагата, ниту од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое врши истрага за полициските службеници осомничени за трагедијата во Кочани. Само еден обвинител од ОЈО ГОКК постапува во истрагата за Кочани.

Од ДУИ денеска побараа Обвинителството да одговори на три прашања поврзани со случувањата и истрагата за Кочани, од кои првото е дали е вистина оти обвинител се повлекол поради политички водена истрага.

Потоа прашаа дали Обвинителството ќе дозволи да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата, како и кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 24 март соопшти дека тимот обвинители кои постапуваат во истрагата за трагичниот пожар во Кочани е проширен на 11 јавни обвинители. Ова е трето проширување на обвинителскиот тим што работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани.