Никој не знае кој управува со спортските сали и базени во Македонија, а низ нив се вртат милиони (видео)


Фото: Б. Грданоски

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија, за 2023 година.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија за 2023 година, ревизрите ги утврдиле следните состојби:

– повеќе години наназад не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските поради што не е вршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката утврдена со пописот;

– голем дел од документацијата на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки од надлежни органи;

– почнувајќи од јануари 2020 година сметководствената евиденција ја врши надворешен правен субјект без при тоа да постои доказ дека за сите позиции во Билансот на состојба искажани на ден 31.12.2019 година Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија има предадено поткрепувачка и веродостојна документација за нивната дотогаш утврдена вредност;

– Јавното претпријатие не располага со точни податоци за имотот со кој реално располага: одлуки на Влада и имотни листи како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, нема историски податоци за нивната вредност;

– не бевме во можност да ги потврдиме вредностите на позициите во активата и пасивата во Билансот на состојба на ден 31.12.2023 година проценети во вкупен износ од 2.178.239 илјади денари;-

Ревизорите увиделе дека ЈП не располага со евиденција на договори за објектите кои се дадени под закуп (локација, површина, катастарски податоци, функционалност на објектот, податоци за склучени договори и анекси на договори, времетраење и висина на закуп, начин на плаќање), поради што ревизијата не беше во можност да потврди дека искажаните приходи во износ од 6.212 илјади денари се според сите активни договори и во висина на договорениот надомест за закуп;

– не ни беше презентирана документација за потврдување на искажаните трошоци во Билансот на успех по разни основи во износ од 1.273 илјади денари;

– и покрај тоа што на 1 мај 2017 година престанува да постои законскиот основ за работа на Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, истото продолжува да работи во континуитет;

– извршиме анализа на обврските од договорите за дел од објектите кои се дадени на користење на други правни субјекти при што утврдивме дека:
– објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години,
– закупнините се мали во однос на големината на просторот што се дава и закупецот може истите да ги дава во подзакуп;
– не постои документација за промените запишани во имотните листи во однос на сопственост од легализација, приватизација или по друг основ;
– нема документација со која ќе се потврдат инвестициските вложување од страна на закупецот предвидени со договорите;
– се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки;
– непреземањето на објектите од страна на единиците на локална  самоуправа придонело за поголемо запуштање, руинирање на објектите, нивно користење за намени кои не се во насока на спортот и бесправно владеење;
– утврдивме дека органите на управување и раководење избрани после 01.05.2017 година придонеле за состојбите утврдени во овој Извештај.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Во делот на Нагласување на прашања известуваме за долг во износ од 351.486 илјади денари по основ на судски пресуди за кој износ не постои сигурност дека е целосен, како и за обврски од 78.363 илјади денари кон закупец на објектот „Олимписки базен“ во Скопје произлезено по судска одлука од минати години и која со години не е наплатена поради лошата финансиска состојба на ЈП.

Во делот на Континуитет во работењето обелоденуваме за не преземање на мерки и активности за спроведување на законските одредби од страна на Владата и Агенцијата за млади и спорт по укинувањето на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија.

Укажуваме на Владата од потребата за утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на правната и финансиската штетност на сите договори за закуп склучени помеѓу ЈП и трети лица со цел преземање на мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот.

Од страна на законскиот застапник за дел од периодот предмет на ревизија на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија, доставени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешките се разгледани, една е делумно прифатена, за останатите утврдено е дека претставуваат известување за причините на констатираните состојби, стои во ревизорскиот извештај.