Никого не го интересира Анкетната комисија за Кочани – Гаши бара членови, партиите го игнорираат

За измена на Изборниот законик пак ќе се формира работно тело, иако има веќе напишани предлози од претходното


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа денес последен брифинг со новинарите за оваа година, но она што имаше да го каже беше дека се нешто „треба“ , без одговор кога суштинските закони и расправи ќе се најдат на гласања. Практично, еден месец откако пратил писма до политичките партии во Собранието да именуваат членови за работното тело за донесување на нов Изборен законик, освен Левица – не одговорила ниту една друга.

Ист епилог имало и барањето на Гаши да пратат имиња за членови на паралелната Анкетна комисија за Кочани, што сама си ја предложи власта, па сега по се изгледа си ја опструира. Одговорот на Гаши и тука беше дека партиите „треба“ да пратат предлози до Комисијата за избори и менувања за воопшто да се состави Анкетната комисија, а кога ќе заседава – е прашање за кое нема логика ни да се поставува.

Парализирана е и една важна демократска институција, народниот правобранител, а вработените таму не можат да земат  плата, а Гаши само најави нови обиди да се најде решение без конкретно да каже кога и со каква отстапка кон ДУИ која го блокира изборот,а власта не може да обезбеди сама Бадинтерово мнозинство. Прашан директно зошто не дадат нов предлог за правобранител што ќе биде прифатлив за ДУИ, бидејќи е поважно институцијата да функционира, Гаши немаше политички одговор. 

„За изборот на Народен правобранител ни треба двојно мнозинство и тука е запрена работата“, рече Гаши. Тој најави дека веќе наредните денови ќе направи напори да се дојде до компромис и дека може да го стави веднаш на гласање изборот, но не знаеше дали воопшто ќе успее. Тој апелираше до сите политички партии да ја сфатат важноста на институцијата за демократскиот имиџ на државата, да ги земат во предвид проблемите со кои се соочува во функционирањето и фактот дека доаѓаат избори, а таа не ќе може да одговори на евентуалните приговори.

„Ние направивме се процедурата да тече нормално, но затекнати сме со политичката волја на политичките партии. Знаете дека треба да се изгласа со мнозинство и со голем Бадентер (20 пратеници од заедниците). Ја користам оваа можност преку вас медиумите да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да најдеме решение, да седнат политичките актери да најдат решение. Пред се да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари“, рече Гаши.  

Околу измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, што ги бараат веќе со децении, Гаши најави дека се работи на целосно нов текст, иако работната група на Александар Новаковски со повеќе експерти веќе изработи добар предлог кој беше преставен во јавноста, испратен во Собранието – и од тогаш исчезна. И сега Гаши најави дека требало да се формира работна група за измените во Собранието, но на неговиот повик да се именуваат членови, никој освен Левица не одговарил, за да деновиве министерот за правда Игор Филков му  најави средба за да се договорат – законот да се прави од работна група таму, а не во Собранието. 

На забелешката на новинар дека неоправдано се одлагаат важните закони и дека Собранието досега не донело ниту еден закон што е во интерес на граѓаните  освен на олигарсите, па и дека е срамно Министерството за правда да им прави закон кој на крајот зависи од политичката волја во Собранието, Гаши се поравдаше со техникалии – дека за разлика од Министерството за правда тие немаат експерти кои ќе бидат дел од работно тело за измени, како да измислуваат вештачка интелигенција а не закон за кој веќе има напишани решенија.  

Единствено тој беше конкретен околу Кривичниот законик најавувајќи дека ќе го стави на дневен ред во Собранието во јануари и тоа во редовна постапка, за да остави повеќе простор и време за дебата околу неговата содржина. Тој притоа се пожали дека, и покрај напорите да се носат законите во редовна постапка има притисок да се носат во скратена, иако лично не видел закон од таква важност што мора брзо да се изгласа. Испадна дека сите неважни закони за граѓаните одат во брза постапка, а за тие што ги бара ЕУ  се прават нови и нови работни тела, се развлекува работата и кога ќе дојдат, ако дојдат, во Собранието, и ако не се фалични притоа – за нив се расправа во редовна постапка. 

За предложениот член на Судскиот совет чија постапка е почната, а во меѓувреме почна и постапката за носење на новиот Закон за судскиот совет, Гаши  навести дека во вторник законот ќе биде иозгласан, а изборот и за него ќе продолжи според изменетиот закон. 

На крајот тој најави една добра работа, дека Собранието ќе работи нормално по Нова Година и нема да работи само тие денови што се регулирани како празници. (С.Ј.)