Никогаш не е доста од Калиопи – три акустични концерти во Филхармонија
„Не кажувам со кои песни, колку песни, очекувам публиката да се изненади од новите акустични концерти во Филхармонија, закажани на 14 ноември, 6 и 7 декември , во организација на „Прагма“ со кои соработувам веќе година ипол. Ветувам ново музичко искуство со бендот и гудачки квартет на сцената“, изјави денес Калиопи, на доручек дружењето со новинарите . Првиот концерт е веќе распродаден, другите два се пред распродавање, а се очекува и четвртиот, се чека слободен термин од Филхармонија, , во декември, потенцираше денес Кристијан Стефановски, првиот човек на „Прагма продукција“.

Иако како дива , со моќен глас и најубавите поп-хитови, се очекува да ги наполни сите простори каде и да настапува, за поп-ѕвездата е најважна публиката и енергијата што ја црпи од неа, без разлика дали е сто илјадна или двеста души.
-Секогаш ми е важна интеракцијата со публиката, без разлика дали е на интимен простор или стадион. Очекувам дека Филхармонија, сите три вечери, ќе биде исполнета со многу луѓе и емоции и мислам дека ќе прашти од емоции и од љубов, и по некое плачење, не од тага, туку од среќа. Имам респект кон овие концерти затоа што се надевам дека нема да согорам во тие емоции и ќе можам да ви се дадам онака како што ви се давам со години“, рече поп-ѕвездата пред голем број претставници од медиумите.

Калиопи денес ја најави и новата песна која ќе ја промовира во четврток во Белград, без да открие детали, а новиот албум го планира за 2027 година.

Скопје уште се сеќава на ланскиот концерт, во октомври, за прв пат во „Борис Трајковски“ во Скопје, каде три часа емоции, врвна музика, хитови кои се вечни и новите кои допрва ќе станат, приреди поп-дивата Калиопи. Публиката ја преполни салата, иако ние сме навикнати да ја гледаме и да ја слушаме на поинтимни места или под ѕвездено небо. Сепак, фановите, направија ѕвездено небо во салата, и повторно, ѕидовите вибрираа од добра музика и позитивна енергија. (Л.С.)