Ни графитот не ги спречил да направат депонија под Клинички


Градоначалникот Горан Герасимовски и вработените од јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар – ПОЦ, денеска чистеа на две локации кадешто надлежност има Град Скопје. Општинските служби го исчистија сметот на улицата „50 Дивизија“ во близина на Клиничкиот Центар и улиците на Кале.

Интересно е што на една од пратените фотографии се гледа порака – графит, која вели: „Помогни ѝ на планетата – одржувај ја околината!“, но ни тој не ги спречил несовесните да ја затрупаат површината со секаков отпад. 

И покрај реагирањето и четиридневното самостојно чистење на сметот од страна на Општината, сѐ уште Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска го немаат собрано целото ѓубре од улиците во Центар кадешто имаат надлежност.

„Од пред неколку дена почнавме и со голема акција за чистење на сметот околу контејнерите, но и со собирање на ѓубрето во контејнерите, во одредени населби таму каде што не беше собрано од градската администрација. Акцијата продолжува и во наредниот период, етапно ќе се чисти населба по населба каде што целосно влегува и нашата механизација.Очигледно е подобрување во однос на хиената, тоа значи дека нашите апели стигнале до нечии уши. Бевме во Маџир Маало и во Дебар Маало, се чистеше и вчера, и завчера во Крњево и во сите останати населби”, истакнува Герасимовски.

Ги повикуваме граѓаните да пријават смет и дива депонија телефонски со цел брза интервенција на службите. Граѓаните можат во секое време да пријават проблем од јавна чистота на следните телефонски броеви 076/350-767 и 02/3203-693.

Општина Центар спроведува акција за чистење на јавните површини во Центар откако пред два дена Град Скопје ги остави центарските улици во смет.