Ни добрите кадри не можат да ги преживеат партиските суети


Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д.

Одлуката е донесена без дебата на седницата со која претседавал првиот вицепремиер, Артан Груби.

Причините за разрешувањето на Петровска сѐ уште не се објавени, но јасно е дека зад одлуката стојат внатрешнопартиски превирања и несогласувања со лидерката на ДОМ, Маја Морачанин. Петровска беше претпознатливо лице во оваа ДИЖС и зад себе има резултати во заштитата на животната околина. 

Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без функциите во ДОМ. На тогашната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Причината, како што тогаш наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес. Подоцна, Богдановски поднесе оставка на пратеничката функција.

За засилените активности на Државниот инспекторат, чие име со години се поврзуваше со неефикасна контрола на загадувачите во државава и со сомнежи за корупција, изминативе десетина месеци честопати известуваа медиумите. Случаите со „Пејпер мил“ во Кочани, одземената концесија за црпење песок на Пчиња кај Коњари, кривичните пријави за уништувањето на брегот на Охридското езеро кај Даљан, трските кај Струга, малите хидроцентрали, опасниот мазут во Дебарското езеро се само некои од случаите на кои работеше ДИЖС откако Петровска застана на чело на оваа институција.

Од Владата подоцна брифираа дека Петровска е исклучително квалитетен кадар, дека се ценат нејзините квалитети и знаење во екологијата и дека се разгледувале повеќе опции даа го координира сегменти од владината зелена агенда, но дека тоа може да се направи по локалните избори.

Петровска за Дојче веле изјави дека и понатаму ќе продолжи да работи за јавниот интерес. „Мојата служба во инспекторатот беше привилегија. Некои проблеми во животната средина почнаа да се решаваат, уште многу останаа за во иднина. Јас останувам во секторот животна средина и без оглед што не сум веќе функционер, ќе продолжам да работам за јавниот интерес“.