Аболицијата на Иванов била незаконска, одлучи судот во Стразбур
Судот за човекови права им стави крај на дилемите за скандалозните аболиции кои ја втурнаа Македонија во голема политичка и правна криза
Судот за човекови права во Стразбур се чини стави точка на сите дилеми во јавноста во Македонија во врска со помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кои ја втурнаа во длабока криза државава. Судот донесе одлука дека помилувањата од 12 април 2016 година со повеќе 107 решенија за 56 лица, со кои тогашниот претседател се обиде да ги спаси сопартијците, функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се најдоа под кривичен прогон на СЈО – биле незаконски.
Аболициите што ги потпиша Иванов ја згрозија македонската јавност и ја скандализираа меѓународната предизвикувајќи остри осуди од сите страни. Под силен притисок, Иванов со друга одлука потоа ги поништи сопствените аболиции.
Заклучокот од одлуката што Европскиот суд за човекови права ја објави денеска, е дека државата имала право да ги поништи помилувањата, бидејќи тие биле донесени без законска основа во политичка криза. Одлуката била донесена едногласно. Со комората претседавал судија од Норвешка.
Тие ја разгледуваа жалбата на Владимир Талески, Миле Јанакиески и Коста Митровски.
„Европскиот суд за човекови права едногласно пресуди дека: немало повреда на член 6 став 1 (право на фер судење) од Европската конвенција за човекови права поради законодавната интервенција со која се дозволи поништување на претседателските помилувања и продолжување на кривичната постапка против подносителите на барањето“, пишува во одлуката на судот во Стразбур. И се образложува:
„Судот, особено, утврди дека потребата да се повикаат јавните службеници на одговорност и да се спречи тие да бидат ставени над законот ја надминала потребата од заштита на правната сигурност. Судот ја зеде предвид исклучителната природа на ситуацијата создадена со одлуката на тогашниот претседател да додели помилувања на јавни функционери, вклучително и високи личности од неговата политичка партија, без валидна правна основа и со кршење на владеењето на правото. Тежината на ситуацијата и на последователната политичка криза го оправдуваа усвојувањето на исклучителни мерки во форма на законодавство насочено кон мала група лица кои инаку би имале корист од незаконски помилувања, со цел враќање на владеењето на правото. Судот утврди дека законодавната интервенција била оправдана врз основа на убедливи основа од општ интерес и соодветно на тоа не може да се смета дека ги прекршила принципите на правна сигурност или владеење на правото“.
Според Судот, јавниот интерес – односно одговорноста на функционерите и владеењето на правото – бил поважен од принципот на правна сигурност. Но, Судот одлучил дека било прекршено правото на фер судење за поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и Коста Митровски, поранешен претседател на изборната комисија на Центар и на државата ѝ наложи да им исплати по 3.600 евра на двајцата. За Талески немало прекршување на постапката за фер судење.
„Иако подносителите на барањето подоцна поднеле барања за вонредно преиспитување до Врховниот суд, тој преглед бил ограничен по обем и не ги опфаќал сите прашања покренати во поднесоците на обвинителот пред Апелацискиот суд, со што одредени прашања биле конечно решени во жалбената постапка и не можеле повторно да се разгледаат од страна на Врховниот суд. Единствениот можен начин за отстранување на недостатоците во жалбената постапка во таква ситуација би бил Врховниот суд да ја поништи жалбената пресуда и да го врати предметот на Апелацискиот суд. Со тоа што не го стори тоа, Врховниот суд не успеа да го исправи прекршувањето на правото на апликантите на контрадикторна постапка. Затоа, имало прекршување на член 6 став 1 во однос на правото на г-дин Јанакиески и г-дин Митровски на фер судење“, стои во одлуката.
Ваква одлука накратко денеска донел Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот „Талески и други против Северна Македонија“, односно постапка што ја покренал поранешниот градоначалник на Битола кој беше осуден и одлежа затворска казна за случајот „Транспортер“ кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство.
Се почна кога на 12 април 2016 година, тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, потпиша над 100 решенија, со кои од затвор се обиде да ги спаси сопартијците, функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а кои се најдоа под кривичен прогон на СЈО.