Меѓународните норми и препораки велат дека не смее да има порестриктивни барања за независните кандидати од тие за партиите.

За споредба со земјите во чие друштво сакаме да бидеме:

● Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот;

● Британија – 10 потписи;

● Финска – 10 потписи или три и пет во помали општини;

● Германија – 200 потписи;

● Данска помеѓу 150 и 200;

● Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори;

● Кипар и Малта – четири потписи;

● Грција – 12 потписи;

● Во Естонија и Франција нема барања за потписи.

Кај нас потребата од демократија и плурализам е огромна, како резултат на незадоволството од делувањето на постоечките партии.

Независните и досега се соочуваа со дискриминаторски методи преточени во законски одредби или наследени пракси од институциите.

Како илустрација, пристапот до избирачкиот список не им беше овозможен на независните кандидати, редниот број на гласачкото ливче за нив иако се извлекуваше со жрепка, секогаш нивното место беше по 80-тото.

Партиите што доминираат на политичката сцена од одамна наликуваат на трговски друштва што на изборите не гледаат како на прилика за победа на мерки и политики кон унапредување на животот на граѓаните, туку како на прилика за заграбување на што поголем дел од ресурсите на Македонија за партиски цели.

Со последните измени, политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи.

На ваков начин во Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е скроен да нема никаква алтернативна опција.

Иако навидум лути непријатели, партиите и од власта и од опозицијата се во совршено хармонични односи и веднаш наоѓаат заеднички јазик кога треба да го одбранат нивниот „терен“ на влијание.

Како група на независни активисти и членови на совети низ Македонија, бараме веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да:

Се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати

Се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК

Се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена

Се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче

Се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список

Овие измени да се направат веднаш, по скратена постапка, како што минатата недела беа направени измените за блокирање на независните кандидати.

 

Независни За Карпош – За Заштита На Карпош – Скопје

Зелен Хуман Град – Скопје

Шанса за Центар – Центар – Скопје

Подобро за Тетово – Më mirë për Tetovën – Тетово

Поинаку – Битола

Зелените Од Гази Баба – Скопје

СТИГА Е – Струмица

СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село