„Невера“ на Римац е најбрз електричен автомобил на светот


„Невера“ им се испорачува на купувачите со најголема брзина од 350 километри на час.

„Римац Невера“ развила брзина од 412 километри на час, што го прави овој модел најбрз електричен сериски автомобил на светот, пренесува „Аутоблог“.

Како што објаснуваат од компанијата, посебно барале патека со овален облик со доволно долги рамнини за да и овозможи на „Невера“ да развие максимална брзина.

„”Невера“, при поставувањето на рекордот, е поставена во таканаречен „Top Speed Mod“, создавајќи аеродинамички профил кој го урамнотежува отпорот и ја потиснува силата за да се обезбеди стабилност при големи брзини“, се наведува во соопштението и се додава дека „Невера“ била опремена со „Michelin“ гуми „Cup 2 P“, со надзор на техничари од „Michelin“ кои ја провериле нивната состојба.

Зад воланот бил Мирослав Зрнчевиќ, главен тестен и развоен возач, соопштиле од компанијата.

„Излегувајќи од овалниот дел на патеката од свиокот, патувајќи со околу 250 км/ч, Мирослав ја ослободи полната сила на „Невера“ за да достигне брзина од 412 километри на час – точно колку што е симулирано на почетокот на проектот“, објаснуваат од „Rimac Automobile“.

„Постигнатата брзина ја прави „Невера“ најбрз сериски електричен автомобил, односно тоа е најголема брзина некогаш забележана на патеката „Automotive Testing Papenburg“. Брзината е измерена со помош на „Racelogic B-Box“, високо прецизен мерен уред базиран на GPS“, стои во соопштението.

Производството е во седиштето на „Rimac“ во Јанкомир, а првите клучеви веќе ги добиле купувачите ширум светот.