„Невена Георгиева – Дуња“ добива нови шест училници и санитарни јазли


За основното општинско училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода, со доградба се обезбедуваат околу 560 метри квадратни проширување на просторот – шест нови училници, нови санитарни јазли и значително подобрени функционални услови. 

Во увид на градежните работи денеска беа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска,

– Тоа е дел од суштината на политиките што ги води оваа Влада и добро е што десетици вакви објекти заедно со градинките за децата од предучилишната возраст, се стотици вакви објекти што се градат низ цела држава. И јас сум навистина задоволен што гледам дека сите тие напредуваат. Со градоначалничката разговаравме дека со почетокот на новата учебна година и оваа доградба треба да биде готова и да биде ставена во функција – рече премиерот.

Мицкоски рече дека со сите градежни активности, со сите капитални инвестиции, тие практично го решаваат акутниот проблем со простор за ученици онаму каде што е потребно и посака уште многу вакви објекти да се реализираат во иднина.

Градоначалничката посочи дека ова е инвестиција насочена кон подобрување на условите за настава и одговор на зголемениот број ученици во ова училиште.

– Имено, во моментов тука настава посетуваат 705 ученици, бројка што е зголемена за 150 ученици во овие три години – додаде Стаменкоска – Трајкоска.

Таа појасни дека со доградбата се обезбедуваат околу 560 метри квадратни проширување на просторот – шест нови училници, нови санитарни јазли и значително подобрени функционални услови, со што се создаваат услови за поквалитетен наставен процес.

– Паралелно, и ние, како општина, вложуваме и во одржливи и долгорочни решенија. Поставивме фотоволтаици во ова и во сите други училишта, а за сите училници и за училишната спортска сала обезбедивме пречистувачи на воздух, со цел поздрава и побезбедна средина за учениците. Овој проект не е изолиран зафат, туку дел од континуиран пристап кон унапредување на образованието. Би сакала да споменам и дека во текот на летниот период беше реновирана и училишната библиотека со нова читална – истакна таа.

Задоволство од денешниот настан изрази и министерката Јаневска, која рече дека ова е само еден проект на кој моментално се работи, а во наредниот период се планира проширување на учте четири училишта во општините, со што ќе се овозможи воведување едносменска работа на училиштата.