„Нетфликс“ ќе снима мини серија во земјава
Американската компанија „Нетфликс“ во октомври годинава прв пат ќе дојде во земјава за да го снима првиот дел од новата играна серија наречена „Во ноќта“, соопштија на денешна конференција Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и продукцијата „Сестри и брат Митевски“ .
Серијата ќе се снима на Аеродромот Скопје. Главниот продуцент е белгиската компанија „Ентре Шиен е Лу“, раководена од европскиот продуцент Себастиен Делои.
Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм, истакна дека сите кои се занимаат со филмска продукција знаат колку е тешко една компанија како што е „Нетфликс“ да дојде во една држава за да снима филм.
– „Нетфликс“ е многу голем, многу моќен. „Нетфликс“ има светска мапа каде ги става знаменцата од местата што ги има посетено и прв пат годинава знаменцето на нашата земја ќе биде ставено на нивната мапа. Пред да се одлучи да престојува во една држава, компанијата прави анализа каква е стабилноста на таа држава и како работи нивната Агенција за филм. Јас сум среќен што оваа компанија ја одбра Северна Македонија, ја одбраа компанијата на Лабина да им биде домаќин и да им ги пружи сите сервис услуги, рече Тозија.
Директорот додаде дека препознавање на квалитетни проекти за соработка и грижата за правилното претставување на нашата кинематографија и нашиот капацитет за реализација на успешни проекти се доказ за сериозен пристап на работата на Агенцијата за филм.
Продуцентката Лабина Митевска истакна дека е од економско и културолошко значење еден филм да се донесе и да се работи токму во нашата држава.
– Мини серијата на „Нетфликс“ наречена „Во ноќта“ е составена од осум епизоди и речиси целата првата епизода ќе се снима во нашата држава. На почетокот на октомври ќе пристигне половина од екипата, односно стотици луѓе. Поради тоа што во сцената има инволвирано авион, тие ќе дојдат со приватен авион. Оваа огромна продукција е фантастична за македониска кинематографија и сите македонски работници зашто ќе можеме да искусиме нешто ново и поразлично, рече Митевска.
Таа додаде дека вториот филм што, исто така, ќе се снима во нашата држава е „Сирена во Париз“.
– Филмот „Сирена во Париз“ е француско-белгиска копродукција, комплетно дистрибуиран од „Сони Пикчрс“. Се работи за филм на белгиски копродуцент, кој минатата година снимаше филм во Северна Македонија. Снимањето на филмот ќе започне на 30 август годинава, една недела во Битола, а потоа во Скопје. Успехот на македонскиот филм последна година е фантастичен, покажуваме дека сме квалитетна продукција и можеме да доведеме квалитетни филмски работници, рече Лабина.
Денеска, за прв пат македонскиот документарен филм „Медена земја“ е на репертоарот во кината низ САД, а во исто време и македонскиот краток филм „Скаут“ е на престижниот филмски фестивал „La Shorts“ од каде се квалификуваат филмови за Оскар и БАФТА.