„Нетфликс“ го здрма Холивуд: Ги купуваме „Ворнер брос“ и Ејч-би-о! Позната е и цената

Договорот за најголемото спојување во историјата на стриминг предизвика бран загриженост кај регулаторите и конкурентите


Netflix денеска објави дека постигнал договор со Warner Bros. Discovery за купување на легендарното филмско и ТВ студио, вклучувајќи ја и платформата HBO Max, за дури 72 милијарди долари, пишува Си-ен-ен.

Веста го потресе Холивуд и целосно ги промени очекувањата за идните потези на Warner Bros. Discovery, која е и сопственик на Си-ен-ен.

Компанијата продолжува со планот да се подели на две одделно котирани компании во 2026 година. По поделбата, Netflix има намера да го преземе делот „Warner“, додека другата, Discovery Global, ќе ги задржи Си-ене-ен и другите кабелски канали.

Потенцијалното спојување помеѓу Netflix, Warner Bros и HBO ќе бара внимателно испитување од страна на регулаторите во САД и други земји.

Таквата комбинација би создала вистински гигант во стриминг индустријата и би ставила крај на едно од најжестоките медиумски соперништва во последната деценија. Аналитичарите во Банката на Америка неодамна го кажаа ова вака: „Ако Нетфликс го преземе Ворнер Брос, војните за стриминг се завршени. Нетфликс би станал неоспорна глобална сила на Холивуд, и тоа надвор од своите веќе импресивни нивоа.“

Со недели, Парамаунт се сметаше за фаворит во трката за WBD. Врвниот менаџмент на Парамаунт, кој сака да го купи целиот WBD, вклучувајќи ги и кабелските мрежи, покажа голема доверба, сметајќи на добри односи со американскиот претседател Трамп.

Но, Нетфликс изненади многумина со агресивно високи понуди. Според извори запознаени со преговорите, стриминг гигантот дал две понуди претходно во текот на неделата со кои го надминал Парамаунт.

Според еден извор, Нетфликс се согласил на истата скапа клаузула за раскинување како и Парамаунт. Ова значи дека ако договорот не се реализира од некоја причина, Нетфликс би морал да му плати на WBD милијарди долари.

Најголемата непозната работа сега е регулаторното одобрување. Администрацијата на Трамп ќе мора да одобри каков било договор помеѓу Нетфликс и WBD, а аналитичарите очекуваат политичка и правна битка.

Врвните американски политичари веќе изразија загриженост.

„Веста дека Netflix сака да го купи својот единствен вистински конкурент, платформата за стриминг на WBD, треба да биде повик за будење за антимонополските регулатори низ целиот свет“, напиша сенаторот Мајк Ли на X. „Овој потенцијален договор би покренал сериозни прашања за конкуренцијата, можеби најголемиот во последната деценија.“

Paramount и Comcast, кои исто така дадоа понуди за WBD, можеби сè уште се обидуваат да го склучат договорот. Со други зборови, оваа медиумска сага е далеку од завршена.