„Нереално“: Пендаровски за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени


 

Претседателот Стево Пендаровски денеска го оцени како нереално барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да имаат одложено дејство до влегувањето на Македонија во ЕУ.

„И јас би сакал сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни – морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тие заклучоци на Советот на ЕУ е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите. Тоа е сосема нереално. Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени“, реше Пендаровски на прес-конференцијата со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која е во посета на Скопје.

Во врска со тоа дека изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба, која се одржа минатата недела се различни во однос на тоа кој што прифатил, Пендаровски вели дека доколку внимателно се следат изјавите на двете политички страни по лидерската и едната и другата страна се во право.

„Премиерот е во право кога тврди дека има драстична промена во ставот на главната опозициска партија, која воопшто не прифаќаше да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, велејќи дека не можеме да спроведеме уставни измени под бугарски дикатат и второ велеше за сето време дека овој парламентарен состав нема мандат за да влезе во тој процес. Од друга страна опозицијата е во право во однос на предусловите кои ги има поставено на таа лидерска“, нагласи Пендаровски.

Тој оцени дека ставот на Мицкоски дека нема против „малата бројка на бугарско национално малцинство да биде дел од Уставот“ е знајачна промена во однесување на опозицијата од која зависи двотретинското мнозинство.

Наташа Пирц Мусар изјави дека според нејзините сознанија иницијативата која ја покренаа седум земји-членки на Европската uнија, меѓу кои и Словенија за промена на начинот за носење одлуки за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се однесува и на процесот на проширување.

„Словенија е една од оние седум држави кои сакаат некои прашања да не се решаваат со консензус, туку со мнозинство. Колку што знам и колку што следам тоа се однесува и на процесот на проширување и тоа може да го олесни патот на која било држава која сака да влезе во ЕУ“, рече Пирц Мусар.