Неповторлива насмевка и талент
Јавноста е во шок и неверување откако доцна во саботната вечер се прошири информацијата дека актерката Билјана Беличанец-Алексиќ (45) е пронајдена мртва во својот дом во скопска Кисела Вода. Според официјалните информации на полицијата, во саботата околу 22:30 часот, во полициската станица во Центар, нејзиниот сопруг, режисерот Сашо Миленковски, пријавил дека ја пронашол без знаци на живот.
Полицијата соопшти дека актерката си го одзела животот со бесење. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција.
Беличанец беше актерка во Драмскиот театар во Скопје. Таа беше градоначалник на скопската Општина Кисела Вода од 2013 до 2017 година. Нејзините колеги се простуваат од неа нарекувајќи ја девојката со најубавата насмевка, ангелски лик и неповторлив талент. Од нејзиниот матичен Драмски театар велат дека е ненадоместлива.
Во улогата на Туфи од серијалот „Здраво генијалци“
– Два месеца откако ме назначија за директор, седна како на жар карши мене, зад клуб-масата. За да ѝ пратам порака дека е добредојдена и дека влегува дома, станав од директорската фотелја и седнав кај клуб-масата. Ја понудив кафе, одби. Дојдов само нешто да ти кажам, рече. Те разбирам ако ме држиш настрана, ако не добивам улоги, зашто бев функционер кај оние, само дозволи ми да бидам овде, да го дишам театарскиот воздух. Стави ме и во шивална, ќе шијам, само да сум тука. Беше сериозна, а јас се насмеав. Реков: Билјана, ти си една од најдобрите глумици во Македонија на сите времиња. Треба да играш и сакам да играш, ама не со игла и конци туку на сцена… Сè уште мислам дека си најдобра – напиша актерот и поранешен в.д. директор на Драмски театар, Сашо Тасевски.
Актерката Јелена Јованова на социјалните мрежи напиша дека ѝ е благодарна на својата колешка за сè што направила за неа.
– Се надевам дека сега си на подобро место. Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого. Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов што овде ти недостигаше. Толку многу даде, а уште колку многу остана. Тешко и за неверување, маме. Ти благодарам за сè! – напиша Јованова.
Во претставата „Љубовници“ заедно со колегата Зоран Љутков
Актерот Васил Зафирчев напиша дека таа беше актерка со редок талент.
– Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше. А нè напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет – вели Зафирчев.
Драган Спасов-Дац вели таа е била неговиот Петар Пан.
– Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче. Замина во Недојдија – запиша Дац.
Беличанец, неколкупати беше и наградувана за своите сценски остварувања, како со награда за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата „Медеја“ (Прилеп, 1996). Награда за најдобар млад актер на Фестивалот „Мали и експериментални сцени“ (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000) и двете награди за најдобро актерско остварување на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, еднаш за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ (2009) и вторпат за улогата на Сара во претставата „Генетика на кучињата“ (2012).
Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти („Заводникот од западниот свет“, 1997), Сузана („Свадбата на Фигаро“, 1998), Софија Јегоровна („Платонов“, 1999), Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999), Кинегонда/Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000), Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001).
Беше и препознатлив глас за натсинхронизирање на сериите на домашните телевизии. Многу деца и тинејџери пораснаа со неа преку серијалот „Здраво генијалци“ каде што ја толкуваше улогата на Туфи.
Родена е во 1973 година. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Прво работеше во Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1994-1997), а од 1997 година премина во Драмски театар – Скопје.
Комеморацијата по повод прераната смрт на актерката Билјана Беличанец ќе се одржи во вторник (9 април) во 10:00 часот во Драмски театар Скопје.