Неодобрените побарувања за ДДВ изнесуваат 1,7 милијарди денари, една третина од вкупниот поврат на ДДВ


Фото: Б. Грданоски

Неодобрените побарувања за ДДВ кои биле наталожени од минатите години изнесуваат 1,7 милијарди денари, или околу една третина од вкупниот поврат на ДДВ. Ова денес го посочи директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во одговор на новинарско прашање.

Петрова истакна дека секоја недела има исплати на поврат на ДДВ, но се прават и потемелни анализи, во  кои се опфатени и нивото на дејност, како и на ниво на даночен обврзник, а се со цел како што вели Петрова да бидат осигурани оти се превенираат сите ризици, кои можат да се јават во врска со повратот на ДДВ и испумпувањето на буџетски средства.

-Во овој момент се уште се справуваме со тие заостанати неодобрени побарувања за ДДВ од претходните пет години, кои изнесуваат 1,7 милiјарди денари или околу една третина од вкупниот поврат на ДДВ, којшто ни е сега во процес на обработка, одобрување и реализација. Значи паралелно со тој заостанат од претходната раководна структура заостанат и неодобрен поврат на ДДВ стигнуваат и новите ДДВ пријави, вели Петрова, која присуствуваше на денешната дебата на „Текстилијада 8“ во Штип.

Инаку, како што истакна УЈП е во корелација со Министерството за финансии за најавениот проект за намалување на даноци, а кој го најави премиерот Христијан Мицкоски.

Петрова истакна дека Министерството за финансии е орган кој ги креира даночните политики и од него ги очекуваат деталите, коишто потоа треба да бидат имплементирани практично од страна на УЈП.

-Значи во поглед на прилагодување на даночните пријави и системите преку кои што даночните обврзници ќе ги исполнуваат даночните обврски, вели Петрова.