Ненадејно почина градоначалникот на Брвеница, Јовица Илиевски
Јовица Илиевски, градоначалникот на Општина брвеница починал денеска, но причините за смртта не се објавени.
Од него, преку социјалните мрежи се прости премиерот Христијан Мицкоски.
„Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница. Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати.
Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат.
Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа. Јоцо на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да биде заборавен“, порачува Мицкоски.
Илиевски (58) ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Брвеница, на која беше избран во ноември 2021 година, за мандатниот период 2021-2025. Илиевски повторно ја доби довербата на граѓаните и на локалните избори во 2025 година, кога беше избран за градоначалник како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.