Немам што да си кажам со Мицкоски: Румен Радев одби средба со премиерот
Иако македонскиот премиер постојано вели дека би сакал да се сретне со премиерите на сите соседи (се нема официјало сретнато со премиерите на Грција, Бугарија и Албанија) неговата политичка реторика ги оддалечува тие можни средби.
Последниот инцидент со палењето на двата автомобила на бугарската амбасада во Скопје повторно ги вжешти односите и се надоврза на палењето на бугарскиот културен клуб во Битола, за кое пејачот Ламбе Алабаковски доби условна казна.
Бугарскиот премиер, Румен Радев, одби средба со македонскиот, Христијан Мицкоски, велејќи:
„Немаме што да си кажеме јас и Мицкоски“.
Во изјава за медиумите по палењето на автомобилите Радев рече:
„Нема место за таква средба, тие имаат проблем не со нас туку со EУ. Проблемот не е билатерален, туку треба да ги убеди членките на ЕУ дека ги почитуваат човековите права и може да ја гарантира безбедноста на сите дипломатски преставништва на територија на Македонија. Тие не само што не ги штитат како што беа палењата туку и ги стимулираат и ги користат во изборни кампањи“, изјави премиерот Радев.
Тој потсети дека Бугарија инсистирала на вклучување на Бугарите во Уставот, токму за да ги заштити нивните права.
„Тогаш бев сам против сите. Успеав да ги убедам сите европски лидери да го сфатат проблемот со почитувањето на човековите права, за да можеме да го поставиме најферското нешто во преговарачката рамка – вклучување на Бугарите во Уставот и спроведување на Договорот за добрососедство, особено вториот протокол“, изјави Радев.
Тој посочи дека во последно време има колебање во ставовите кај некои европски лидери во врска со ова прашање, а тоа го забележал и на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора.
„Сега јас повторно мора да вложувам напори да ги убедам каде и како треба да се држи Европа, како сојуз кој теба да ги штити интересите на сите граѓани во тој сојуз. Има колебање во ставовите на редица европски лидери, кое настана во времето кога мене ме немаше во ЕУ. Некој не си ја завршил работата. Сега јас треба повторно да ги убедам лидерите на ЕУ дека консензусот постигнат во јули 2022 година мора да се почитува. Тоа и ќе го направам“, рече Радев.
Оваа негова изјава на некој начин се допира на ставовите на македонските власти дека имало сѐ поголемо разбирање на стравувањата на Скопје од можните идни блокади на европскиот пат.