„Немам ниту една стратешка грешка“: Пендаровски ја објави кандидатурата за втор мандат
Претседателот изјави дека за време на неговиот прв мандат Македонија влезе во НАТО, а за време на вториот ќе стане членка на ЕУ
На два дена пред конгресот на СДСМ кога треба да се одлучува за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја објави својата кандидатура за уште еден мандат како шеф на државата. Потпирајќи се на петте изминати години во кои како претседател не направил „ниту една стратешка грешка“.
На прес-конференција во хотелот „Хилтон“ во Скопје Пендаровски неговата кандидатура ја оквалификува како граѓанска и рече дека изминативе денови добил јавна поддршка за номинација за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници. Меѓу нив имало луѓе кои го знаат, но и не мал број од оние кои лично не го знаат. Тој им се заблагодари на поддршката.
„В недела на 3 мај очекувам и СДСМ да ја формализира својата поддршка за мојата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и останатите десетина политички партии од таа коалиција. В недела ќе присуствувам на конгресот на СДСМ за да им се заблагодарам на поддршката, а од понеделник натаму ќе имам средби со сите десетина партии кои ја најавија својата поддршка за мојата кандодатура, од кои ќе сакам да слушнам предлози што би можел да ги вградам во мојата изборна програма. Бидејќи станува збор за граѓанска кандидатура, ги повикувам сите граѓани почнувајќи од 3 март, да дадат поддршка за мојата кандиатура со давање потписи во подрачните единици на ДИК“, рече Пендаровски.
„Јас сум Македонец, меѓутоа не постои единствен случај кога моето етничко потекло било причина да фаворизирам или да деградирам. Во изминатите пет години покажав дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или економска моќ. Во нашата земја не постои човек или партија која може да каже дека ги контролира или диригира моите одлуки“, рече претседателот Пендаровски.
Првата и главна причина поради која се кандидира, вели, е тоа што зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка.
Пендаровски ги повтори своите познати ставови дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија биле придобивка за граѓаните и за државата.
„Постојат кандидати кои се залагаат, или најавуваат, или во минатото најавувале ревизија, или поништување на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
Рамковниот договор ја исполни својата историска улога и ја засили, а не ја поткопа внатрешната кохезија на Македонија. Најмногу и заради Рамковниот договор станавме држава – кандидат за членство во Европската унија.
Преспанскиот договор го овозможи нашиот влез во НАТО, што е огромна придобивка од аспект на безбедноста на државата и го потврди постоењето на Македонците и на македонскиот јазик на глобално ниво.
Договорот со Бугарија не беше спорен цели три години. Истиот тој договор, со истата таа содржина, стана проблем кога Бугарија под притисок на својата стара комунистичка националистичка гарда почна да измислува причини за блокада, кои инаку во самиот Договор ги нема. Конечно, тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка со Европската Унија и ќе направи подобар договор со Бугарија се политичка фатаморгана, исто како и најновата ингениозна идеја дека договорот со Бугарија ќе го почитуваат, но во замена ќе бараат Софија да го промени нивниот устав и пропратните закони. Ако некој успее да го направи тоа ќе бидам првиот кој јавно ќе му честита. Само се плашам дека станува збор за барање за оправдување за реалната блокада на нашите евроинтеграции која ја прават последните години исклучиво заради кревање на својот партиски рејтинг“, рече Пендаровски.
Како една од важните придобиовки од неговиот мандат е што нема поврзано ниту една корупциска или друга афера.
„Без ниту една корупциска афера, ниту еден случај на непотизам и судир на интереси поврзани со мене, моето семејство, роднини… Бев национален координатор и ги предводев преговорите за членство на Македонија во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Очекувам во мојот втор мандат да станеме членка на ЕУ“, рече Пендаровски.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски пред некој ден доби поддршка за втор мандат од Извршниот одбор на СДСМ.