Нема зголемување на платите, ВМРО-ДПМНЕ ги понижува работниците, оценува Филипче


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека работниците во ниту еден сектор нема да добијат зголемување на платите, а новата влада не ги почитува обврските од колективните договори. Нема да има повисоки плати за просветните работници, за здравствените работници, полицијата, Армијата, вели Филипче во објава на Фејсбук.

„Не е предвидено ни барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра и се доведуваат во прашање колективните договори. Ова е директен напад на правата на вработените и нивно понижување.  Со ова, ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите.

Преку зголемување на платите, СДСМ седум години го јакнеше стандардот на граѓаните и ги поддржуваше за време на економските кризи со дополнителни мерки во висина од 1,3 милијарди евра. СДСМ останува целосно на страна на работниците и им дава поддршка на синдикатите во битка за остварување на своите права.

Овој буџет, според сите независни експертски анализи, нема да донесе зголемена продуктивност и повисок раст, а ќе донесе огромни задолжувања додека платите на работниците нема да се покачуваат.

Овие катастрофални економски политики уште во првиот месец од мандатот ќе го намалат животниот стандард на граѓаните и ќе донесат економска неизвесност“, оценува лидерот на СДСМ, Венко Филипче.