Нема веќе чекање, изборите мора да се одложат


Делува необјасниво чекањето на политичките партии да виделе како ќе се развива ситуацијата со епидемијата на Ковид-19, па идната недела пред самиот почеток на изборната кампања, да одлучат дали треба да се одложат изборите, а во меѓувреме да ги замрзнат сите политички активности. Во некоја рака, има логика во одолговлекувањето на партиите да се одлучат на тој чекор поради тоа што во претходните месеци вложија огромни финансиски и човечки ресурси за овие многу важни избори. Но работите се развиваат спротивно на тие логики. Имаат логика и објаснувањата дека никој од главните политички играчи не сака прв да излезе со предлогот да не се оди на гласање на 12 април.

Затоа, веројатно најелегантен излез од ситуацијата ќе биде доколку Советот за национална безбедност на седницата в понеделник препорача да се одложат изборите.

Во петокот Велика Британија ги одложи за наредната 2021 година локалните избори што требаше да се одржат на почетокот на мај.

Полска денеска најави дека најверојатно ќе бидат одложени претседателските избори закажани за мај. Во САД некои држави веќе почнаа да ги одложуваат примарните избори за номинацијата на претседателски кандидат кај демократите. Единствено само Франција одлучи првиот круг од локалните избори да се одржи в недела и покрај зголемувањето на бројот на заразени. Но засега не се најавува дали вториот круг од изборите ќе се одржи наредната недела, како што е планирано.

Има повеќе причини зошто одлуката за одложување на изборите треба да биде донесена што е можно побрзо.

  1. Кампањите за партиските понуди, без оглед колку и да биле добри, полека стануваат бесмислени, затоа што граѓаните се исклучително малку заинтересирани за нив кога главната грижа им е како да се справат со оваа светска пандемија и како да го заштитат своето здравје и здравјето на нивните најблиски.
  2. Доколку за два-три дена биде донесена одлуката за одложување на изборите ќе се намали притисокот и врз пошироките раководства на партиите, кои ќе можат да се ангажираат многу повеќе кон запирањето на епидемијата.
  3. Државната изборна комисија треба веднаш да излезе со став или објаснување како мисли да бидат организирани изборите и како мисли дека ќе може да ги изврши обуките на изборачките одбори ако тие може да се претворат во жариште на инфекција.
  4. Пред распуштањето на Собранието набрзина беше направена измена во Изборниот законик, со која Дебар и Центар Жупа беа префрлени од Петтата во Шесттата изборна единица. Сега кога овие две општини се во целосна изолација незамисливо е како таму би било организирано гласањето. Ако сепак се оди на избори, а жителите на Дебар и Центар Жупа не гласаат, уште во старт резултатите од изборите ќе бидат невалидни.
  5. Државната изборна комисија уште утре треба да соопшти како мисли да ги организира изборите во дијаспората кога, на пример, земјата каде што има огромен број пријавени за гласање – Италија, е целосно заклучена за надворешниот свет. Па споерд тоа, избирачките одбори што би требало да бидат испратени од Македонија не би ни можеле да стигнат до таму. Затворени за доаѓање на странци се и Полска, Словачка, Чешка, Украина, од вечерва тоа треба да биде и Шпанија. Америка од денеска ги забрани сите летови од Европа. ДИК не треба да ги чека политичките упатства, туку треба сама да соопшти во каков ризик би биле доведени граѓаните доколку и понатаму се бара од од нив да ги организираат изборите.
  6. Ако политичкиот опортунитет преовлада да се оди на изборите речиси сосема е сигурно дека излезноста ќе биде катастрофална. Кому би му одговарало тогаш да прогласува победа, за потоа поради неодржливоста на ситуацијата повторно да се оди на избори за половина или една година.
  7. За пржинската влада може да се најде решение кое ќе ги задоволи сите политички интереси, а во интерес на граѓаните. (Н.В.)