Нема повредени во пожарот во „Жито Битола“


Денеска, во 17.20 часот во СВР Битола било пријавено дека има пожар во фабрика за леб лоцирана во индустрискиот дел на Битола, информира Министерството за внатрешни работи.

Велат дека веднаш биле упатени екипи на територијалната противпожарна единица Битола и полициски службеници и се преземаат мерки за гасење на пожарот.

До сега нема пријава за повредени лица, информира МВР,  а во моментот на пожарот, според градоначалникот Тони Коњановски, во фабриката имало двајца вработени, кои го напуштиле објектот.

Коњановски веднаш пристигна на местото на пожарот и информираше дека на терен се девет возила и сите пожарникари на противпожарната единица, а од негова страна побарана е поддршка и од РЕК „Битола“ од каде пристигна дополнителна цистерна која ќе помогне во гаснењето на пожарот. Градоначалникот воспостави контакт и со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со цел преземање на сите потребни мерки и спречување на понатамошно ширење на пожарот.