Нема повеќе пари во ќупчето за нова помош за економијата, порача српскиот претседател


Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави синоќа дека нема да има нов пакет мерки за поддршка на приватниот сектор заради последиците од корона кризата и потсети дека Србија одвоила пет „кризни“ милијарди евра, јави Танјуг.

„Дали повторно ќе вадиме од ќупот и ќе даваме? Тешко, рекол Вучиќ за РТС, на прашањето за евентуално нов пакет мерки за помош на економијата.

Како што пренесуваат српските медиуми, тој рекол дека не станува збор дека само Србија нема, туку тоа е случај и со други земји, наведувајќи го примерот со Велика Британија, која издвоила шест милијарди евра за помош на британската економија, а Србија издвоила пет милијарди. Само трошоците за тестовите за корона вирусот ја чинеле Србија милион евра дневно.

Тој додал дека државата имала добар пристап за решавање на послеедиците од кризата и дека им помогнала на претприемачите со исплата на минимална плата за три месеци, а последната исплата од овој пакет ќе биде на 7 јули. Србија исто така им исплати по 100 евра еднократна помош на над 6 милиони граѓани.

Според Вучиќ, сето тоа било направено без да влијае врз фискалната стабилност. Тој исто така рекол дека Србија е единствената земја на која Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) не ја намали проекцијата за раст и која за годинава е минус три отсто, потенцирајќи дека дека мерките кои ги презеле биле одлични.