Нема мораториум за нови животни во ЗОО, но ни одговор што понатаму


Фото: Б. Грданоски

Советниците во Град Скопје, Драгана Велковска и Горјан Јовановски од Зелен хуман град поднесоа иницијатива за мораториум за внесување на нови животни во скопската Зоолошката градина која ќе се разгледува на седницаta на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврток.

Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум воздржани, Советот на Град Скопје денеска не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка, поднесена од „Зелен хуман град“.

– Знам дека дел од вас овде немаат емпатија, како мене, за животните, но барем имајте сочувство за вработените таму, каде некои од нив имаат сериозни ментални проблеми, кој не би имал – појасни предлагачот Драгана Велковска при образложувањето на предлогот, на денешната седница на Советот за град Скопје.

Причината за ваквиот чекор како што се образложува во иницијатава се тоа што според достапните информации во Зоолошката градина во 2022 и 2023 година угинале вкупно 18 животни и тоа: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три пржевалски коњи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.

– Бевме сведоци и на масовно колење на 10 коњи со образложение дека биле болни. Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов, во јули 2022 година – стои во иницијативата.

Дополнително, како причина се наведува и тоа што скопската Зоолошка градина го загуби кандидатскиот статус во ЕАЗА, со официјално образложение дека таа сеуште не ги исполнува стандардите за полноправно членство во повеќе области меѓу кои: безбедноста, образовната сигнализација и планот за едукација, чување на евиденцијата и придонесот за конзервација.

При тоа, се додава дека состојбите во Зоолошката не се ништо ново и оти тие опстојуваат со години, а од година во година прогресивно се влошуваат.

На седницата на Советот на Град Скопје, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, истакна дека животните во зоолошката градина не се виновни за тоа што им се случува заради неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска.

„На ова раководство на градот и на зоолошката градина се бројат деновите и месеците. Било кој да дојде потоа, јас сум уверен дека веднаш ќе настане една револуција во скопската зоолошката градина, затоа што било кој градоначалник после оваа градоначалничка ќе си го сака многу повеќе Скопје од неа“, нагласи Кирков.

Тој рече дека животните не се припадници на ни една политичка партија, а таму живеат 270 животни. Смета дека со прифаќање на овој мораториум ќе им се наштети на животните. Дополни дека секако зоолошката има забрана за носење нови животни од ЕАЗА.

Советникот даде осврт и на последните случувања со зоолошката градина каде што поради лице кое што било вработено во истата, им била попречена работата на инспекторите од АХВ. За ова и за уште една работа, на истото лице му била поднесена и кривична пријава.

„После записникот од страна на МВР е поднесена соодветна кривична пријава за попречување за движење во заразно подрачје без заштитна опрема. Еве до таму оди безобразноста и како се работи со зоолошката градина со овој менаџмент и оваа градоначалничка’’, додаде Кирков.

Заменик-градоначалникот Александар Трајановски зборуваше дека сите деца кои влегле во зоолошка ги развиваат своите емпатии кон животните. Тој смета дека мораториум не треба да се донесе, за да може да се увезуваат животни и луѓето да има што да видат, а емпатија имаат и вработените и посетителите. 

И Јанчева од СДСМ, смета дека не треба да се донесе мораториум, особено ако се знае дека мораториумот не е ограничен во предлогот, на ден, два дена, месец, година… Тоа би значело затоврање на Зоолошката. Според неа, со немање менаџмент и неназначување на управители, ќе се доведе до тоа Зоолошката да биде како под мораториум.

Горјан Јовановски од Зелен хуман град рече дека покрај тоа што речиси сите советници зборувале против донесување на ваков мораториум, тие не слушнале предлог како да се постапува понатаму. Според него има дигитални решенија со кои на никој од чинителите нема да им биде ускратено задоволството и уживањето, а сепак тоа би претставувал хуман третман кон животните.