Нема краток пат до ЕУ, вели новата холандска амбасадорка

Узлем Џенел денеска ги предаде акредитивите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Кралството Холандија, Узлем Џанел.

се заблагодари за конзистентната поддршка од пријателска Холандија, која од осамостојувањето е еден од најголемите донатори и силен поддржувач на европскиот процес на нашата држава.

„Холандија континуирано ни помага во реформите на судството, владеење на правото и јавната администрација, со цел да обезбедиме силни и независни институции, кои се столб на секоја европска демократија. Холандскиот ‘строг и фер’ принцип се покажа како одлична формула за суштинска имплементација на реформската агенда и постигнување на европските стандарди во нашата земја“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Во своето обраќање на церемонијата, амбасадорката Џанел рече дека со текот на годините нејзината земја има обезбедено значајни финансиски средства за поддршка на социјалната кохезија и меѓуетничките односи, доброто владеење, владеењето на правото, образованието, здравството и управувањето со јавните финансии. Таа посочи дека во моментов во нашата држава работат близу 180 холандски компании кои обезбедуваат работни места за над 5000 граѓани и воедно ја зголемуваат видливоста на нашата држава на меѓународниот пазар.

Во однос на остварувањето на стратешката цел на нашата држава – членството во Европската унија, таа истакна дека Холандија ќе продолжи да очекува стриктно почитување на Копенхашките критериуми пред приемот и дека не постои простор за отстапки или скратени постапки.

„Напредокот во областа на владеењето на правото, економските критериуми и реформата на јавната администрација ќе продолжат да ја одредуваат брзината на пристапните приговори поединечно за секоја земја-кандидат. Задачата која претстои бара одговорност, посветеност и видливи резултати од ваша страна“, рече амбасадорката Џанел.