Нема кој да ги лекува пациентите со инсулинска терапија од ретинопатија


На само 13 отсто од 40.000 пациенти со инсулинска терапија им е дијагностицирана дијабетична ретинопатија, а само 20 отсто добиваат третман. Само 25 отсто од пациентите со дијабетична ретинопатија во државава се лекувани, а помалку од 15 отсто се лекуваат целосно. Неопходно е да се зголеми бројот на офталмолози, а особено во местата надвор од Скопје и да се укаже помош на лицата со оштетен вид. Апелираме до здравствените власти да дадат приоритет за подобрување на здравјето на очите, затоа што 80 отсто од случаите на слепило и оштетен вид може да се избегнат, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Димче Велев по повод Светскиот ден на видот.

Тој посочи дека е неопходно подигнување на свеста за здравјето на очите повисоко на агендата на здравствените политики, навремено дијагностицирање на болестите на очите особено на мрежницата, оформување регистар на офталмолошки болести поради тоа што нема податоци за бројот за лица дијабетична ретинопатија, пристап до иновативна терапија и континуитет на третманот и целокупен третман и рехабилитација пациентите.

– Клиничкиот центар ги унапредува состојбите, има доволно терапија, но треба поинтензивно да се работи на дисперзија во регионалните центри координирано од Клиниката за да може тоа да биде подкрепено со медицински кадри, пристап до иновативна терапија и континуитет на третманот, рече Велев.

За лицата со дијабетес тип 1, појасни, протоколот е дека еднаш годишно треба да направат преглед кај офталмолог, а со дијабетес со тип 2 еднаш на две години.

– Во Македонија тоа се избегнува од пациентите, а и нема доволно кадар. Надвор од Скопје, има места каде нема офталмолози или има еден во цел регион. Скринингот треба да почне кај матичниот лекар и тој треба да почне да ги прегледува пациентите со дијабетес тип 1 еднаш годишно, а со тип 2 еднаш во две години и да ги прати на офталмолог и да се следат евенталните промени. За нас видот е прозорец кој неретко може да доведе до дијабетични компликации, вклучително и на очите. При дијабетичната ретинопатија се оштетени крвните садови во рожницата поради што може да дојде до пропуштање на течноста во окото, предизвикувајќи оток на макулата, централниот дел на рожницата и губење на видот. Тоа е т.н. макуларен едем, потенцира Велев.

Тој рече дека дополнително кај нас и кај дел од возрасната популација може да се појави дегенерација на макулата што се појавува кога растат абнормалните крвни садови во малкулата, а исто така може да се појави и запушување на вената во рожницата што е хронична состојба на окото која може да доведе до ненадејно безболно губење на видот.

– Овие состојби се причина и за слепило за луѓето со дијабетес особено со тип 1. Во Европа се проценува дека меѓу 20 и 35 проценти од луѓето со дијабетес имаат оштетување. Околу една третина од нив развиваат дијабетична ретинопатија со тенденција на прогрес на овие заболувања. Многу од случаите како во Европа, така и во Македонија се недијагностицирани или нелекувани. Доцното почнување на третманот ја унапредува болеста што доведува до полош исход на состојбата. Ова создава големи социјални трошоци. Оштетувањето на видот има значителни здравствени трошоци, додаде Велев.

Виктор Лукарски, пациент со дијабетична ретинопатија веќе четврта година и координатор на Сојузот за интернационална соработка, рече дека патот на овие пациенти е напорен поради немање услови за скрининг за дијабетична ретинопатија и таа се дијагностицира во поодмината фаза, кога се појавуваат и првите проблеми.

– Покрај тој скрининг, терапијата за третирањето на дијабетичната ретинопатија која вклучува инјекции и ласерско третирање на рожницата и ретината се ефективни и многу скапи во приватните клиники. Дури и кога би одел за преглед на Клиничкиот центар нема офталмолози. Има напредок во последните две години, но се уште сме многу назад споредено со сите други околни земји во однос на грижата за окото и ретинопатијата особено поврзани со дијабетесот, додаде Лукарски.