Нема договор за Изборниот законик, следува блокада со илјадници амандмани

За ВМРО-ДПМНЕ црвена линија е дијаспората да гласа електронски, а за СДСМ тоа е најголемиот проблем да ги прифатат измените


Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски

 

И по денешната средба на координаторите на пратеничките групи во Собранието нема договор за измените на Изборниот законик. Спорно остана електронското гласање на дијаспората, кое беше црвена линија на ВМРО-ДПМНЕ за договор, но и целосно неприфатливо за СДСМ.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, очекува дека Изборниот законик ќе остане блокиран и дека на следните парламентарни избори ќе се оди со постоечките изборни правила.

„За жал и вториот ден од разговорите меѓу координаторите на пратеничките групи и на пратеници кои немаат пратенички групи не успеавме да дојдеме до договор, иако имаше ретерирање во одредени ставови помеѓу сите пратенички групи. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите забелешки кои ги имаа и ДУИ и Левица, беа тргнати одредени членови кои беа спорни, но не успеавме да ги убедиме СДСМ да ретерираат за гласањето на дијаспората. Со тоа сметаме дека разговорите се завршени и дека денеска во 14 часот ќе ја закажеме Комисијата за политички систем на која очекувам дека ќе бидат поднесени амандмани од СДСМ и од Левица. За колкав број на амандмани се работи ќе видиме на самата седница“, рече Мицевски.

Тој изрази жалење што четиримесечната работа на работната група не успеа да го види светлото на денот, бидејќи СДСМ не се согласува дијаспората да гласа електронски.

„Ова зачи дека на следните избори ќе важи постоечкиот Изборен законик“, порача тој.

СДСМ најави дека ќе поднесе 10.000 амандмани, додека од Левица се очекуваат околу 3.000 амандмани. Амандмани ќе поднесе и ЛДП. Моника Зајкова порача дека ако нема докрај разјаснет процес на контрола на гласањето, тогаш изборниот процес веројатно би бил гласање на бел лист хартија.

„Нема ништо спорно околу тоа дали да гласа дијаспората електронски, апсолутно немам ништо против гласачкото право на дијаспората. Но, сметам дека не можам како пратеник од првата изборна единица да дозволам граѓаните од мојата изборна единица, од Скопје, од Македонски Брод или пак граѓаните од каде што се по потекло моите баба и дедо, Валандовско, Гевгелиско,  Битола, Могила, Новаци… да бидат во понепривилегирана и дискриминирачка положба. Бидејќи треба да бидеме свесни дека со ова законско решение се укинуваат избирачките места каде што има околу 10 жители и со тоа се ставаат во понепривилегирана положба граѓаните коишто живеат тука, на територија на Македонија“, изјави Зајкова синоќа за Дневникот на МТВ.

Зајкова се согласува со тоа дека е недозволиво да не им се олесни правото на глас на македонските граѓани во странство кои придонесуваат за државата, но не би било фер да не им се олесни и правото на глас на оние кои живеат и придонесуваат тука, во Македонија.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, рече дека Изборниот законик бил усогласен со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а амандманите што ги поднеле СДСМ и Левица не се суштински, туку имаат цел да ја попречат реализацијата на Реформската агенда и исполнувањето на обврските поврзани со Планот за раст.

Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ предложило да се прифатат амандмани што се однесуваат на начинот на заокружување на гласачкото ливче и постапката за поднесување приговори, а останатите, како што ги нарече, „демагошки амандмани“ да бидат повлечени за законот да биде донесен со политички консензус.