„Нема да се чека долго“: Фаучи за вакцините против Ковид за бебиња и малите деца


Децата до пет години се единствената група во Америка, но и во некои други земји, која сè уште не може да добие вакцина против Ковид-19, но водечкиот епидемиолог Ентони Фаучи вели дека нема да се чека долго за такво нешто.
– Се надевам дека тоа ќе им биде достапно за разумно краток временски период. Веројатно на почетокот на следната година, односно во првиот квартал од 2022 година – изјави Фаучи за „Инсајдер“, иако додаде дека тоа не може да го гарантира, бидејќи чека клинички испитувања, пренесува Блиц.
Се чини дека „Фајзер“ најверојатно ќе биде лидер во трката за вакцинирање на бебиња и мали деца, бидејќи веќе се во тек испитувањата на педијатриската вакцина. „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, исто така, планираат да ги тестираат своите вакцини против Ковид-19 на најмалите деца, но „Модерна“ сè уште е во фаза на регрутирање деца во групата од 6 месеци до 6 години, додека „Џонсон и Џонсон“ имаа одредени регулаторни одложувања и сè уште ја тестираат вакцината за возраст од 12-17 години.
Претходно оваа година, „Фајзер“ објави дека до крајот на ноември може да аплицира за итна употреба на нивната вакцина кај Американската агенција за храна и лекови (FDA), за деца на возраст од 6 месеци до 2 години, а во септември за деца на возраст од 5 до 11 години.
Но, „Фајзер“ сè уште не доставила до ФДА никакви податоци за клиничко испитување за деца под 5-годишна возраст. Можеби е тешко за производителите на вакцини да предвидат точно кога ќе бидат завршени клиничките испитувања, бидејќи тоа делумно зависи од тоа колку учесници во испитувањето ќе се разболат во текот на периодот на студијата, а како што е познато, Ковид се однесува непредвидливо.
Во одреден момент, вакцините против Ковид-19 сигурно ќе се препорачаат за сите деца од шестмесечна возраст, па дури и помлади. Студиите за папочната врвца и мајчиното млеко на вакцинирани мајки сугерираат дека новородените бебиња чии мајки биле вакцинирани имаат одредена заштита од коронавирусот во првите неколку месеци од животот.