Нела Манческа со „Miracle“ ќе нѐ претставува на детската „Евровизија“ (видео)
„Македонската радио телевизија“ ја претстави песната „Miracle“, во изведба на Нела Манческа, што ќе настапи на овогодинешното издание на „Јуниорскиот евросонг“.
Како што информираат од тимот на Манческа, песната е создадена од Лазар Цветкоски – музика и Магдалена Цветкоска – текст.
-„Miracle“ не е само песна – тоа е чувство. Таа раскажува приказна за храброст, надеж и верба во себе – за моментот кога ја пронаоѓаме сопствената светлина дури и во најтемните мигови. Со својот емотивен вокал и искрена интерпретација, младата Нела Манческа ја оживува пораката дека секое дете, секој човек, има сила да засвети и да остави свој траг. Видеоспотот, во режија на Огнен Шапковски, преку кинематографски кадри и топли златни тонови, го претставува патувањето од нежност до сјај – создавајќи моќна визуелна симболика на пораката што ја носи песната, пишува во соопштението.
На 13 декември во Тбилиси, Грузија, Манческа ќе настапи десетта по ред.