Неколку фирми блиски до власта добиле милионски тендери, објави СДСМ


Јон Фрчкоски

 

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска објави дека три фирми блиски до власта добиле милионски тендери.

На прес-конференцијата Фрчкоски соопшти:

„Три од овие омилени фирми се издвојуваат:

– ‘Ленди груп’, која добила 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за период од две години.

– ‘Пирамид билдинг солушнс’, со 51 тендери вредни 16 милиони евра.

– ‘Мастеф’ со 93 тендери во вредност од 18 милиони евра“.

Тој потоа рече дека има мрежа како се тие фирми поврзани.

„Во Кисела Вода, каде до скоро беше градоначалник Орце Ѓорѓиевски: изведувач на градежни работи е омилената фирма ‘Ленди груп’, а за стручен надзор – МГ ‘Проект’.

Реконструкција на улици, партерно уредување на салата ‘Расадник% и други проекти.

Општина Илинден: изведувач е омилената ‘Ленди груп’, а за надзор МГ ‘Проект’. Апсолутен рекордер со 100 микродоговори.

Општина Аеродром: изведувач е омилената фирма ‘Пирамид билдинг’, а главен договор за надзор има МБМ ‘Архитекти’.

Општина Гази Баба: омилената фирма ‘Пирамид билдинг’, а МБМ ‘Архитекти’ има два клучни договори: еден за надзор над изградба на објекти и еден за надзор над патна инфраструктура.

Компанијата за урбана опрема и игралишта ‘Мастеф’ работи исклучиво под надзор на МБМ ‘Архитекти’ и МГ ‘Проект’.

Општините Кисела Вода, Аеродром, Брвеница, Неготино, Министерството за спорт. За сите проекти каде работи ‘Мастеф’, се знае кои се надзор и проектанти.

Овие две фирми имаат подолга историја на работење во Македонија со проектирање и надзор, но никогаш претходно во вака структурирана шема поврзана со парите од унгарскиот кредит и омилените изведувачи на ВМРО-ОКГ.

Тоа го потврдуваат и бројките за профитот и склучените договори само во изминатите две години. МГ ‘Проект’ во овој период успева да склучи договори со вкупна вредност од 2,4 милиони евра. А МБМ ‘Архитекти’ за овој период успева да склучи договори вредни 2,9 милиони евра!

Во проценти, ако пресметаме, од 2024 година имаат раст од неверојатни 288 отсто.

Ништо не е случајно. Сè е бизнис-шема за Мицкоски и ВМРО-ОКГ.

Прашањето е до кога ќе молчи обвинителството и нема да презема ништо?“, РЕЧЕ Јон Фрчкоски.