Некој си поигрувал со резервоарот за вода во Галичник


Поради сушниот период и зголемената потрошувачка во Галичник, од вечерва 26.08.2026, се воведува рестрикција на водоснабдувањето.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 21 до 6 часот.
Апелираме до сите жители и посетители водата да ја користат разумно и одговорно, исклучиво за неопходните потреби, и да избегнуваат полевање на дворовите и друга непотребна потрошувачка. Со заедничка одговорност ќе придонесеме за стабилно водоснабдување во текот на сушниот период, стои на Фејсбук профилот на МЗ Галичник.
Но, позагрижувачки е претходниот пост во кој информираат дека некој ставал коноп и дрва во резервоарот за вода. 
 
„До лицето кое намерно внело дрво, коноп или друг туѓ материјал во резервоарот со вода за пиење:
Ве предупредуваме дека секое намерно внесување, фрлање или оставање материјали во јавниот резервоар за вода за пиење, кој го користат повеќе семејства, претставува крајно сериозно и недозволено постапување, особено доколку со тоа водата е загадена, контаминирана или станала неупотреблива за пиење.
Посебно Ве известуваме дека ваквото постапување може да претставува кривично дело по член 219 од Кривичниот законик – „Загадување вода за пиење“, кој предвидува:
„Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари… ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“
Со оглед дека предметниот резервоар е јавен и водата ја користат повеќе семејства, доколку со ваквото дејствие е предизвикано значително нарушување на нормалното користење на водоснабдувањето, ќе се испита и примената на член 291 од Кривичниот законик – „Уништување или оштетување јавни инсталации“, кој за уништување, оштетување, отстранување, изменување или правење неупотребливи инсталации за јавна употреба на вода, со предизвикување значително нарушување на редовниот живот на граѓаните, предвидува затвор од шест месеци до пет години.
Дополнително, Законот за водите го штити користењето на водите од страна на повеќе корисници и предвидува правила со кои се спречува ограничување на користењето на водата од страна на други лица. Ограничувањето или забраната на користењето на водите спротивно на законски утврдените приоритети е предвидено и како прекршочно релевантно постапување.
Водата за пиење е добро од општ интерес и ужива посебна законска заштита, а снабдувањето со вода за пиење претставува дејност од јавен интерес. Уставниот суд во својата практика посебно ја нагласува заштитата на водата како основно средство за живеење и потребата од заштита на здравјето на граѓаните.
Кривичен законик – член 219: „Загадување вода за пиење“
Член 219 став (1) гласи:
„Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“
Фотографиите се испратени до надлежните институции, а во најкраток рок ќе бидат поставени и камери за видеонадзор околу резервоарот!“, предупредуваат од МЗ Галичник.