Неизвесноста за датумот ги (раз)ниша и Владата и „метлата“


 

Неизвесноста што се создаде околу тоа дали нашата земја ќе добие датум за преговори со ЕУ на претстојниот самит во Брисел на 22 јуни или евентуално на министерскиот состанок следниот месец, според партиски извори, го наруши првичниот план на коалициските партнери во Владата – собраниската седница за реконструкција или за избор на нов кабинет да се одржи уште на крајот на оваа недела, односно на 9 јуни. Иако, според информациите што доаѓаат од СДСМ и од ДУИ, веќе се договорени контурите на најавеното „проветрување“ на извршната власт, за што имаше и повеќе разговори меѓу лидерите Зоран Заев и Али Ахмети, наеднаш е доведен во прашање целиот процес и се отворени сите опции.

Тоа вчера во Скопје, веднаш по враќањето од Брисел, го потврди и премиерот, нагласувајќи дека реконструкцијата ќе продолжи само ако има сигнал дека овој или следниот месец ќе добиеме датум за преговори. Во спротивно, според него, можни се различни сценарија – од одговорност, преку нова влада, до предвремени избори.

– Ако е извесно дека во јуни или јули ќе го добиеме датумот за преговори, продолжуваме со реконструкцијата. Ако има одложувања, можни се сите опции, како што е и враќање на мандат, отворање внатрешна дебата, преземање чекори. Еден од можните чекори е предвремени избори, вториот е комплетно нова влада, а третиот е преземање одговорност за неуспехот да се добие датум, по сè што направивме, иако вината не ја гледам овде – изјави Заев.

Тој потврди дека во голема мерка се договорени кадровските промени – од директорски до министерски места, но додаде дека овие денови речиси секој час има нови информации во врска со очекуваниот почеток на преговорите.

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа изјави дека продолжуваат разговорите за реконструкцијата меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и другите политички партии што ја сочинуваат Владата. Посочи дека очекува разговорите да завршат наредните денови по што, како што рече, ќе се знае нивната одлука.

– Очекуваме овие денови да завршат преговорите меѓу политичките партии од коалицијата, чија одлука е последна и тие ќе кажат дали до Собранието ќе поднесат предлог за смени во Владата или ако евентуално нема предлог до Собранието ќе има гласање за доверба за владата – изјави Хоџа.

Спикерот Талат Џафери, во меѓувреме, ја закажа за во вторник седницата што ја посочуваше како прва можна на која може да се расправа за реконструкцијата на владата, но и за одземањето на мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски. На дневен ред се повеќе точки, меѓу кои и таа за мандатот на Груевски, но засега нема предлог за смена на министри или заменик-министри.

Според наши информации, претходно имало размислувања меѓу коалициските партнери да се одржи посебна седница за кадровските промени во владиниот кабинет, независно од тоа дали ќе се повторува целата постапка за избор на Владата во парламентот или ќе се оди на поединечна смена на министри. Како можен датум за седницата, наводно, бил утврден 9 јуни – недела, така што ако се избира нова влада постапката би завршила на полноќ истиот ден, а во случај на реконструкција расправата би можела да продолжи и следниот ден. Според информациите, овие две варијанти биле разгледувани поради различните толкувања за тоа дали промената на една третина од министрите треба да се смета од аспект на првичниот состав на владата, која беше избрана на 1 јуни 2017 година или од нејзиниот моментален состав.

Наводно, договорена била смена на седум министри, вклучително со двете испразнети места во земјоделство и во култура и намерата за ротација на Садула Дураку од животна средина во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Наводно, не се разговарало за промена на ресори меѓу коалициските партнери, туку намерата била да се донесат нови министри од истите партии во ресорите што ќе бидат опфатени со реконструкцијата. Според партиски извори, партиските лидери биле блиску до договор за смена на еден до двајца министри од редовите на ДУИ и на пет-шест директори и еден или двајца државни секретари предложени од оваа партија. Но откако стана мошне извесно дека јунскиот Европски самит нема да заврши со одлука за почеток на преговори со нашата земја, а неизвесно е и дали тоа ќе се случи во јули, од „Илинденска“ почнаа да доаѓаат сигнали дека сите досегашни договори за реконструкција може да паднат во вода.

Ново парламентарно мнозинство или предвремени избори?

Премиерот Зоран Заев, практично, најави можна оставка од функцијата доколку земјава остане без датум за преговори во јуни или во јули, со што целата Влада би била во оставка. Во таков случај, според проценките во политички кругови, главно се можни две сценарија.

Првото, всушност, би значело враќање на мандатот за формирање влада кај новиот претседател Стево Пендаровски. Тој потоа би требало повторно да му го даде мандатот на Заев, како партиски лидер, или евентуално на друг претставник на СДСМ за формирање влада. Проценките се дека во ваква ситуација, мандатот повторно би завршил кај СДСМ како партија која располага моментно со најголема бројка на пратеници, по сите поместувања што се случуваа во законодавниот дом во изминатите две години, при што ВМРО-ДПМНЕ го изгуби статусот на најмногубројна пратеничка група. Тоа, пак, би повлекло сосема нови коалициски преговори за програма за работа и за состав на влада (со мандат од околу една и пол година).

Другото сценарио е распишување предвремени парламентарни избори, во рок од 60 дена од евентуалното распуштање на парламентот, но 100 дена од датумот кога Заев би се повлекол од функцијата за да овозможи формирање техничка (предизборна) влада, со вклученост на министри од опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе наврати по смената на кормилото на партијата, бараше распишување предвремени парламентарни избори. СДСМ, пак, беше многу блиску до таква одлука пред распишувањето на претседателските избори. Но, на крајот, владејачката партија се повлече од идејата за спојување на изборните циклуси, поради отпор од ДУИ, а главно поради проценката дека вонредни избори за пратеници би ги стопирале реформските процеси за добивање преговори со ЕУ.

Што се однесува до владината реконструкција, како „трето сеценарио“, во случја на позитивен исход во однос на датумот за преговори, во игра се исто така две опции – поединечна смена на министри или повторување на постапката за избор на влада во парламентот. Смената на седум министри не значи промена на една третина од моменталниот состав на Владата, која, заедно со Заев брои 26 члена, така што за исполнување на таа „квота“ би требало да бидат разрешени вкупно девет министри. Од друга страна, заедно со промените во седум ресори што се случуваа во изминатата една и пол година, вкупната бројка на сменети членови на владата би стигнала до околу 15, што значи промена на повеќе од една третина. Александра М. Митевска